Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 8:44 AM

Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес

Со повеќе активности и манифестации, Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Одбележувањето почна во понеделникот, кога на источната страна на Музејот на Град Скопје беа откриени вратените букви од пораката на Јосип Броз Тито.

Главниот настан од одбележувањето се одржа вчеравечер во Галеријата на графити во Градскиот трговски центар, од каде скопскиот градоначалник, Петре Шилегов порача дека Скопје треба да шири оптимизам и да настојува во нашата средина да завладее еден поинаква перцепција на нештата кои се нераскинлив дел од развојот на овој град.

„Во реализацијата на широката програма од акции, суштествени за изградбата на Скопје, својата помош и ја обзнанија сите оние домашни и меѓународни сили, хуманитарни организации, исклучителни личности, кои го почитуваа градот, сочувствуваа со катастрофата и сакаа да придонесат разрушеното Скопје, повторно да се роди. Осумдесет и седум нации испратиле најразлична помош и помогнале во изградбата на новото Скопје – Градот на солидарноста. По земјотресот новото Скопје со својата култура, урбано-економска, географско-просторна, демографска и културолошка специфичност, станува модерен град“, нагласи Шилегов повикувајќи ги скопјани да бидат хумани и да донираат помош за настраданите во  соседна Грција.

Инаку, денеска на пет различни локации низ главниот град изутринава во 5:17 часот се спроведе аудио-уметничка акција во траење од една минута „Разбуди се Скопје“, која требаше да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година. Со акцијата беа опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае, а едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“. Организатор на акцијата е групата која ги прави урбаните уметнички акции низ Скопје и работи во рамки на Центарот за современи уметности.

Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Традиционалната крводарителска акција ќе се спроведува од 9 до 17 часот во Музејот на Град Скопје. Организатори се Црвениот крст на Град Скопје и Музејот на Град Скопје.

Организацијата на жените на Град Скопје ќе одржи поетско читање „За Скопје кое го сакам“ во Музејот на Град Скопје, а Здружението на акцијашите од студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе организира марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.

Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути.

Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.