„Хадукенот“ на Маунт му донесе победа на Тухел во дербито против Ливерпул на „Енфилд Роуд“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/21 11:37 AM

„Хадукенот“ на Маунт му донесе победа на Тухел во дербито против Ливерпул на „Енфилд Роуд“

Кој би рекол дека актуелниот шампион на Англија по три години непобедливост на „Енфилд Роуд“ ќе загуби пет последователни натпревари? Домашниот терен од „тврдина“ се претвори во место кое Ливерпул не може никого да добие.

Но за разлика од претходните порази на домашен терен, овојпат ситуацијата беше малку поразлична. Ливерпул не само што загуби од Челзи во 27-мото коло, Ливерпул беше целосно надигран од гостинот од Лондон. Toлку слични, а толку различни, двајцата поранешни менаџери на Мајнц и Борусија Дортмунд се судрија во дербито на Премиер Лигата во дуел кој вреди „шест поени“ и место кое води во Лигата на Шампионите следната сезона. Во изминатите соочувања помеѓу двајцата врвни германски стратези, Јурген Клоп е оној со пoуспешен биланс. Синоќа во студениот Ливерпул, Томас Тухел докажа и ги демантираше сите тврдења на јавноста дека „Тухел е поевтина верзија на Клоп“.

Тактичката поставеност на доскорашниот тренер на ПСЖ и фудбалерите на Челзи кои дисциплинирано ги извршуваа обврските, знаејќи каде им е местото и кои им се задачите, едноставно ја попречија флуидноста во играта на домаќинот и го ограничија на само еден шут во рамките на голот и тоа во 85-та минута. Млакиот удар на Вајналдум заврши без никакви проблеми во рацете на чуварот на мрежата на „сините“.

Од друга страна, тенденцијата на гостите беше исклучиво напаѓачка. Трпеливо, градејќи игра од задната линија, екипата од западен Лондон одлично се носеше со повремениот притисок на ливерпулци.

По воведниот мини-петминутен притисок на Ливерпул, Челзи ја презеде иницијативата и тргна по голот на разнишаниот Алисон. Тимо Вернер после добриот прием шутираше само над голот, а неколку минути подоцна бразилскиот голман го осуети и вториот обид на Германецот. Во 25-тата минута екс-напаѓачот на Лајпциг конечно го пронајде патот до мрежата, но ВАР-системот и „смешниот“ еден сантиметар на раката во недозволена позиција, само ја продолжи недоследноста на арбитражата сезонава во Премиер Лигата и предизвика нови контроверзи.

Челзи не се откажуваше и при крајот на првиот дел, додавањето на Канте од својата половина фантастично го искористи Маунт, постигнувајќи индивидуален префинет погодок. Еден од најдобрите поединци во тимот на Челзи голот го прослави имитирајќи сцена од популарната виртуелна игра „Мортал Комбат“ и добропознатиот „Хадукен“.

Клоп во вториот дел реагираше брзо и го внесе во игра повратникот Џота. Салах во 61-та минута го напушти мечот и луто се придвижи кон клупата за резерви. Сепак, замените не го променија темпото и интензитетот на шампионот на кој во последните три години навика публиката. Челзи свесно се повлече, додека пак Ливерпул во периодот од 80-та минута се пресели на половината на опонентот во обид да постигне гол и извади бод од големото дерби. Тоа не се случи. Момците на Тухел рутинирано и искусно го одбранија голот на сенегалскиот чувар на мрежата и ја забележаа осмата победа под палка на германскиот тренер во сите натпреварувања. Победа која ги врати „сините“ на четвртата позиција по подолго време и им донесе 47 поени на свое конто.

Поразот го спушти Ливерпул една позиција подолу на табелата и сега со 43 освоени бодови се наоѓа позади Вест Хем и градскиот ривал Евертон.

Следното коло во Премиер Лигата е на програмата веќе утре. Ливерпул повторно на „Енфилд Роуд“ ќе трага по победа против Фулам, додека пак Челзи во понеделник на „Стемфорд Бриџ“ ќе се сретне со конкурентот за Лигата на Шампионите, Евертон.

 

 

 

 

 

Фото:

Twitter / @ChelseaFC