Турција е заинтересирана за увоз на извесни количини кочански ориз, со што привремено ќе се ублажи проблемот со пласманот на произведените количини од минатогодишната реколта.
На денешниот консултативен состанок во Министерството за земјоделство, на кој присуствувале претставници на откупувачките и оризопреработувачките капацитети како и од Самостојниот синдикат на индивидуалните оризопроизводители од Кочани, било најавено дека сѐ уште не се утврдени конкретните количини и цени по кои ќе се откупува оризот.
– По иницијативата на Министерството за земјоделство за решавање на проблемите во оризопроизводството, турската влада искажала подготвеност за откуп на две до три илјади тони бел ориз, со што ќе се влијае за извесно подобрување на пласманот. Ако се зачуваат и пазарите во странство кои се традиционални, сметам дека проблемот ќе биде решен. Согласно трошоците за проиизводство што ги имаат земјоделците, најниската откупната цена треба да биде меѓу 22 и 25 денари за килограм арпа, односно 50 денари за килограм бел ориз, што е наш став. Зборуваме за исплатливо производство, а земјоделците кои се доведени во ситуација да го предадат произведеното, мора од нешто да опстојуваат, поради што се принудени да прифатат и 17 денари за килограм арпа, што е депресивна цена и не нуди перспектива за оризопроизводството, истакна Ставре Јанев од Самостојниот синдикат на индивидуални оризопроизводители.
Во текот на следната недела ќе има уште еден состанок на кој ќе се договора за откупните цени, количините, динамиката на испорака и слични прашања.
На состанокот во Министерството за земјоделство било разговарано и за исплатата на субвенциите за оризот, при што е најавено дека од почетокот на идната недела земјоделците треба да ги добијат очекуваните средства.