По вчерашното гласање доверба на Владата, премиерот Зоран Заев вели дека е задоволен и благодарен од поддршката на мнозинството во Парламентот, но подраго му е како што вели, што биле тргнати облаците и неизвесноста по шпекулациите дека не постои парламентарно мнозинство и дека Владата ќе падне.
Премиерот изрази жалење што клучни закони се заглавени во Собранието, меѓутоа по вчерашното гласање доверба вели дека расте и неговата одговорност да се одблокира Парламентот, по законски основи, по пат на Деловникот и по пат на разговори.
На новинарско прашање дали ваквото мнозинство од 62 пратеници може да опстои четири години, премиерот рече дека е подобро мнозинството да е поголемо, но оти вака ги држи будни.
– Подобро е мнозинството да е поголемо од 62, полесно е, но вака не држи будни. Јас ја користам секоја можност да испратам апел, на ниво на проекти, макар и на закони, да застанат колку што е можно повеќе пратеници. Продолжувам да работам, да афирмирам, да замолам да се приклучат пратеници. Ако успееме, веднаш ќе соопштиме, ако не, 62 е стабилно мнозинство. Тешко беше за време на пандемија, имаме еден болен, еден во самоизолација и немате мнозинство да почнете седница да носите одлуки, рече Заев.
Собранието вчера со 62 гласа „за“ и изгласа доверба на Владата откако претходно тоа го побара премиерот Зоран Заев, а опозицијата не присуствуваше на седницата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше дека премиерот ја искористил неговата изолација и со гласањето за доверба на Владата само си купил броени денови за Владата, која според него е на стаклени нозе. Во изјава за „Дојче веле“ Мицкоски рече дека следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата кога ќе имаат 65 пратеници.