Работодавачите да ги ослободат работничките од работни обврски за да присуствуваат на маршот по повод „Осми март“. Ваков апел испратија денеска од Платформата за родова еднаквост, укажувајќи дека насилството над жените ги засега и работните односи. Тоа насилство најчесто е во форма на мобинг и вознемирување, за што работодавачите имаат обврска да преземат превентивни и заштитни мерки. Од друга страна, насилството над жените има негативно влијание на нивното здравје, работоспособност, посветеност на работата и кариерното унапредување создавајќи бариери за еднакво учество на пазарот на трудот – велат од невладиниот сектор.
Прашањето за родовото насилство се актуелизираше изминатиот период и со случајот „Јавна соба“, а терминот сексуално насилство за првпат влезе и во домашната законска регулатива. Како тоа ќе влијае врз правата на жените, какви последици остава врз нив сексуалното насилство и колку може да се зголеми свеста за оваа тема со воведување на сеопфатно сексуално образование се само дел од прашањата за кои ММС разговараше со Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.
Што претставува сексуалното насилство? Што сѐ спаѓа под овој термин и дали ваквиот тип насилство се смета за проблем на јавните здравствени системи?
-За најпрецизно да одговориме на ова прашање, потребно е да ги следиме дефинициите наведени во Истанбулската Конвенција, како и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кои објаснуваат дека во овој вид на насилство спаѓа секое дејствие од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет на телото на друго лице без нејзина/негова согласност. Сексуално насилство постои и кога се наведува или присилува друго лице да се вклучи во дејствија од сексуална природа со трето лице без нејзина/негова согласност. Согласноста мора да е изразена доброволно како резултат на слободната волја на лицето, проценета во контекстот на околностите. Во сексуално насилство спаѓаат и микроагресии како довикувања, гестикулации, коментари, демнење, сексуално вознемирување на работно место или од страна на друг претпоставен авторитет, до сериозни кривични дела како силување.
Кои се факторите што придонесуваат за сексуалното насилство и дали може да се каже дека ова меѓу другото, е и проблем на родова нееднаквост, имајќи предвид дека постои ваков тип на злоупотреба на жените во нивните домови, од страна на нивните партнери?
-Како што веќе и самите споменавте во прашањето, сексуалното насилство се случува поради родовата нееднаквост и може да се каже дека тоа е еден од главните фактори кои придонесуваат да се случи тоа насилство. Таа нееднаквост ја согледуваме во многу аспекти на општественото живеење, на пример нееднаквите плати или отсуството на жените од пазарот што ги прави економски неактивни граѓанки, а со тоа отсутни и од јавната сфера и зависни од нели т.н. „глава“ на семејството. Но, насилството се случува исто така и на жени активни во економскиот, јавниот па и политичкиот живот.
Родово засновано насилство се случува и на работното место а еве по случајот на „Јавна соба“ и во кибер просторот. Тоа ни кажува не само дека сѐ уште постои родова нееднаквост, туку дека и насилството е веќе нормализирано и што е најзасташувачко, насилството не се казнува и никој не одговора – ниту сторителите, ниту институциите.
Какви се последиците врз жртвите и дали ова насилство може да остави траги во нивниот живот на долг рок?
-За сите случаи на сексуално насилство над жени клучен е срамот, стигмата и обвинување на жртвата наместо на насилникот. Има различни форми на насилство и сите резултираат со различни последици во животите на жртвите.
Со примерот на „Јавна соба“ тоа би било тешко нарушување на нивната приватност, чувство на срам и стигма за девојките кои биле ставени во еден таков контакст на кибер сексуално вознемирување. Потоа, постои насилство кое се доживува во јавниот простор, на улиците, јавниот превоз и пазарите, институциите, урбаниот простор во ноќните часови итн. Пред две години беше активна кампањата „Сега кажувам“ каде што огромен број на девојки споделија свои приказни за своето искуство на сексуално вознемирување од страна на претпоставен, или пак човек од помоќна позиција, и потоа се јави и продолжение на кампањата, „сега кажувам каде не одам“ каде девојки и жени споделија вознемирувачки искуства во јавниот простор. Сите овие преживеани настани за нив претставуваат трајна траума која иницира да се развија механизми на одбрана, чувство на страв од движење, страв и слични чувства со кои живееме во секојдневието. Секако, најзгрозувачка е состојбата со оние жртви на семејно насилство кои имаат трајни последици, фатални за нивното психичко и физичко здравје, немаат соодветна системска поддршка од страна на институциите и буквално се отставени сами на себе да се снаоѓаат.
Невладините сервиси помагаат колку што можат, но секако тоа е далеку од капацитетот кој би требало да го обезбедат институциите.
Што кога сексуалното насилство или сексуалното вознемирување се случува на работното место? Дали кај жртвите се јавува двоумење во однос на тоа дали да пријават, постои ли страв дека во таков случај би можела да биде загрозена нивната кариера, нивната финансиска независност?
-Ретко на кое работно место во земјата функционира соодветна заштита за работничките во случај на сексуално насилство или вознемирување, иако тоа не би требало да биде пречка и обесхрабрување да се одлучат девојките и да пријават доколку им се случува такво нешто на работното место. Заштитата од вознемирување на работното место е регулирана со закон, и соодветно Законот постојат права, обврски и одговорности на работодавачот кој е должен да преземе мерки за заштита на вработените. Дури често се случува девојките да бидат омаловажувани и кон нив да се изрекуваат сексистички коментари. Но, постојат и голем број случаеви на сексуален напад на работното место. Иако нема многу пријави заради стравот од губење на работното место или пак закани – како што и самата веќе претпоставивте во прашањето, па затоа верувам дека има многу жени и девојки кои се двоумат да пријават.
Кои се вашите очекувања од новите законски измени во однос на намалување на штетите од сексуалниот облик на насилство?
-Нашите очекувања како платформа се соодветно да започнат да се спроведуваат овие законски одредби и да се имплементираат согласно пропишаните документи, бидејќи никогаш не е доволно само да се изгласа некоја закон. Голем предизвик е истиот да се имплементира и спроведе соодветно од страна на институциите. Институциите не делуваат професионално и независно, вработувањето, унапредувањето и отпуштањето во институциите не се одвива според заслуга туку според партиски интереси. Ова е основната причина за недоследно спроведување на законите, за провизорно делување засновано на сопствени предрасуди, од каде институциите стануваат расадници за непотизам, корупција и култура на прикривање на насилсниците.
Колку кон минимизирање на штетите ќе придонесе и сеопфатното сексуално образование кое се најавува во домашниот образовен систем?
-Сметам дека програмата за ССО (Сеопфатно сексуално образование) која ќе се пилотира во четири училишта во Скопје и Тетово е одлична и долгорочно ќе води кон намалување на родовата нееднаквост, ќе ги еманципира наставниците, учениците а преку нив верувам и родителите, за многу аспекти од сексуалното здравје, секако и репродуктивното исто така, но и ќе води кон намалување на и пред сѐ препознавање на родово засновано насилство и булинг т.е. вознемирување. Препознавањето и пријавувањето на овој вид насилство во училиштата ќе бидат адресирани, а сметам дека тоа е првиот чекор во решавање на проблемот. Искрено се надевам дека што поскоро ќе се воведе оваа програма како предмет кој ќе може да се изучува и разговара со учениците во сите средни училишта во земјата. Сепак, кривично-правниот систем е клучен. Нити една мера за промоција на родова еднаквост нема да биде целосно успешна додека насилниците не се соочуваат со кривичен прогон и затворски казни. Општестсвото им должи правда на жртвите преку санкционирање на насилниците и ефиксани постапки за надомест на штета.
Најавите за сеопфатно сексуално воспитување на учениците, наиде на бурни реакции кај возрасните. Оттука прашањето е, како според вас, би можела да се зголеми свеста во општеството воопшто за сексуалното вознемирување и сексуалното насилство? Како да ги едуцираме родителите, здравствените работници, полициските службеници…Кои се можните решенија за да се обезбеди превенција, наместо санкција?
-Сметам дека едукацијата и санкцијата се две различни компоненти кои мора паралелно да постојат. Со новите законски измени институциите се обврзани да овозможат обуки на службениците, додека пак досега тоа го правеа граѓанските здружение, нели во рамки на своите капацитети. Обуките би требало да го понудат знаењето и би требало да водат кон сензитивизација на овие стручни кадри во институциите. Бурните реакции во јавноста сметам дека се неосновани и поттикнати од страв кој верувам дека се темели на неинформираност.
Од мое лично искуство имам посведочено кога студенти на факултет се срамат да кажат „секс“ за време на часовите, и се потсмеваат засрамено кога професорите ќе кажат нешто поврзано со терминот. А од друга страна ги гледаме случаевите како „Јавна соба“ и „Гевгелија Хаб“ каде сексуалниот контекст постои само за нечие омаловажување, уценување, засрамување. Сметам дека крајно време е да се зборува за сексуалноста отворено и соодветно. Тоа е дел од нашето секојдневие и од нашето живеење и нема зошто да се срамиме и омаловажуваме меѓусебно на оваа основа.
Живееме во средина каде нагласената сексуалност кај мажите се поттикнува и одобрува, додека пак кај жените се омаловажува и служи за срам. Ваквата практика мора да се измени.
Според Вас, колку случајот „јавна соба“ придонесе за актуелизирање на прашањето за сексуалното насилство?
-Сметам дека медиумите и ние како Платформа го адресираме прашањето постојано и нема да престанеме сѐ додека не видиме конкретни резултати кои ќе покажат дека институциите преземаат кривични мерки против сторителите и вознемирувачите. Како Платформа за родова еднаквост до МВР и обвинителството доставивме конкретни барања и очекуваме да се започне со кривично гонење на оние кои предизвикуваат ваков вид на насилство. Затоа и оваа година повторно иато како и минатата, го организираме маршот за 8 март, кој има за цел да посочи дека веќе не толерираме да продолжи да се случува насилтвото кон жените и да се нормализира ваквото однесување, а сите знаеме дека чекорот кон тоа е соодветно санкционирање на сторителите.
Платформата за родова еднаквост повеќе нема да ја толерира неказнивоста по однос на сексуалното вознемирување.
Во вашето јавно обраќање пред Обвинителството, порачавте дека непостапувањето ги прави жртвите исплашени, неми и засрамени. Што би порачале за крај на разговорот на сите девојки и жени кои биле/се во контакт со некој што ги вознемирува или сексуално ги злоупотребува?
-Како што и самата рековте, ние се обративме до МВР и до Јавното обвинителство, со образложение дека со нивното непостапување, жртвите не добиваат никаква заштита. Пораката останува насочена кон нив, а не кон жртвите, бидејќи жртвите веќе знаат да препознаат насилство, се добро информирани и го пријавуваат, но институциите се оние кои треба да почнат конечно да си ја работат работата. Но, од име на Платформата, дополнително би порачала на жртвите на сексулно вознемирување и насилство да се обраќаат за помош кај здруженијата, да пријавуваат насилство, да бараат правда, да не се чувствуваат виновно и засрамено бидејќи ако некој треба да се срами тоа се насилниците и нивните поддржувачи- институциите.
Вања Мицевска