Најмалку шест мртви на протестите против пучот во Мјанмар – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/21 4:57 PM

Најмалку шест мртви на протестите против пучот во Мјанмар

Најмалку шест лица се убиени во вооружената интервенција на мјанмарските безбедносни сили врз протестите што во таа земја се одржуваат поради воениот удар и апсењето на членовите на соборената Влада, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Повикувајќи се на изјавите на здравствените работници од терен, порталот „Myanmar Now“ јавува дека инцидентот се случил во центарот на Мандалај, каде што се собраа неколку илјади демонстранти што протестираат против пучот.

Истиот извор јавува дека мјанмарските сили користеле солзавец и огнено оружје за да ги разбркаат демонстрантите.

Најмалку шест лица се убиени, а десетици демонстранти се ранети, меѓу кои има повеќе животно загрозени.

Фотографијата на загинатата 19-годишна демонстрантка предизвика остри критики на социјалните мрежи, а се стравува дека билансот на загинатите би можел да биде значително поголем.

На снимките што демонстрантите ги објавија на социјалните мрежи, се гледа како Војската ги одвезува телата на загинатите.

Масовните антипучистички протести се одржуваат и во другите мјанмарски градови, вклучувајќи го и Јангон и главниот град Најпидау.

Мјанмарската Војска на 1 февруари минатата година изврши удар и ја презеде власта во таа земја под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни.

Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу. Масовните антипучистички протести започнаа на 6 февруари.

Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, САД, Канада и Велика Британија, најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.