Во текот на изминатиот месец, на подрачјето на СВР Штип присутна е појава на вршење на измами преку социјалните мрежи. Измамите ги вршеле лица, кои во намерата незаконски да дојдат до одредена сума на парични средства, најчесто преку апликацијата фејсбук остварувале контакти со граѓани на кои им ги злоупотребувале личните податоци, како фотокопија од лична крата, трансакциска сметка и електронска здравствена легитимација, соопшти денеска полицијата.
Наведените податоци сторителите ги злоупотребувале за стекнување и добивање брзи кредити од финансиски друштва во Република Северна Македонија, преку електронско аплицирање во име на оштетените граѓани, притоа доведувајќи ги во заблуда дека паричните средства кои по одобрувањето на кредитите легнувале на трансакциски сметки на оштетените и се наводно помош од роднини на сторителите за лекување на болно дете.
Паричните средства оштетените сами ги ваделе од нивните сметки и преку посредници им ги давале на сторителите, без да знаат дека истите потекнуваат од претходно одобрени брзи кредити во нивно име.
СВР Штип апелира до граѓаните да не наседнуваат и подлегнуваат на вакви и слични измами, кои што се вршат преку социјалните мрежи и особено да внимаваат на кого ги споделуваат податоците од личните документи. СВР Штип интензивно работи на расветлување и документирање на веќе пријавените вакви кривични дела.