Водите се крвоток на нашата држава, а нивното загадување како бумеранг се враќа по човековото здравје: Конференција за Зелената агенда за Западен Балкан – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/21 12:26 PM

Водите се крвоток на нашата држава, а нивното загадување како бумеранг се враќа по човековото здравје: Конференција за Зелената агенда за Западен Балкан

Усогласувањето на домашната регулатива со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан е лесно, многу поважна е имплементацијата. Ова е една од клучните пораки испратени на денешната конференција во организација на Институтот за комуникациски студии.

„Севкупниот развој на државата во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не преземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме“, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на денешната виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија”.

„Според некои проценки во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита“, изјави Пендаровски.

Според него, кај дел од јавноста се’ уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши.

„Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење”, рече шефот на државата забележувајќи дека инспекцискиот надзор во земјава е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

„За да се разбистри ситуацијата со заштитата на нашите води, на надлежните институции им се непходни прецизни, но и ажурирани податоци. Потребна е хармонизација со европското законодавство, но, тоа е полесниот дел, затоа што е поважна имплементацијата што подразбира и редовен и превентивен инспекциски надзор, кој навремено ќе го санкционира секој обид за профитирање на сметка на животната средина и граѓаните. Една работа треба да ни е јасна – ова не го правиме за Брисел. Ова го правиме за нас – додаде претседателот.

Ова прашање, според претседателот, има и надворешно политичка димензија бидејќи вклучува и прекугранична соработка во управувањето со трите големи езера и големите реки што ги споделуваме со нашите соседи.

Свеста за животната средина, според универзитетскиот професор, Светислав Крстиќ, е еднаква на нула.

Тоа е поразителна констатација и треба да се избориме тоа да се смени. Во однос на водите, нашите води се крвоток на нашата држава и сите води се таков крвоток на сите територии – истакна професорот од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Тој забележува дека многу штетни материи може да се протнат низ водните средини и иако некои граѓани мислат дека така тие исчезнуваат, вистината е сосема поинаква и загрижувачка.

„Вистината е дека таа материја драстично влијае  на животната средина. Ние, истражувачите на терен секојдневно се судруваме со катастрофалните последици од загадувањето. Тоа како бумеранг се враќа  кај здравјето на човекот. Мислиме дека загадувањето не се враќа „на маса“, но вистината е далеку од таа. Нашите речните еко системи се регистрирани како мртви еко системи  без никаков живот, со драстично натрупување на бројни микроби“, потенцира Крстиќ на денешната конференција. Додаде дека заштитата на водите претставува заштита на животната средина воопшто и потсети дека недостатоците во однос на решавање на ова прашање се нотирани и од страна на ЕУ.

„Во нашето закондавство тоа е многу напреднато, ги следиме европските директиви кои се децидни. Една од нив укажа дека водите во 2015 требаше да се донесат до добар квалитет, но ние доцниме во тоа. Серијата недонесени подзаконски акти ни ги врзуваат рацете во однос на реалното дознавање што се случува во животната средина“, забележа професорот.

За заштита на водите, потребно е поголема инволвираност на општините, на јавните претпријатија – смета Орхидеја Каљошевска, координаторка за Северна Македонија во Инвестициската рамка за Западен Балкан.

„Претпријатијата треба да се зајакнат и да се инволвираат во самиот почеток на креирање на проектите за да се почувствува сопственоста. Треба да се има одржлив пристап при реализацијата на проектите. Досега во Република Северна Македонија преку Инвестициката рамка за Западен Балкан се реализирани 23 проекти, а донирани 181 милион евра“, додаде таа.

На денешниот настан се обрати и Јадранка Иванова, раководителка на Програмата за поддршка на Албанија за пристапни преговори во областа животна средина. Правејќи паралела меѓу состојбата со заштитата на водите во двете држави, таа рече дека ситуацијата кај нашиот сосед е слична. Сепак, таму ова прашање е под надлежност на повеќе министерства, што бара поголема координација.

„Регионалната соработка е неопходна и соработката што  ја имме со Албанија за управување на Дримскиот слив е многу добар пример за тоа како може да се соработува. Водите бараат планови за управување со целиот речен слив па регионалната соработка не може да ја избегнеме“, објасни Иванова.

Таа посочи и кои се трите главни приоритети во однос на заштита на водите. Според неа, треба да се работи на проширување на канализационата мрежа, изградба на пречистителни станици за отпадните води и зајакнување  на  административните капацитети

„Имаме обврска за изградба на бунари, но прашањето е дали тоа се спроведува? Спроведувањето на законодавството треба да го зајакнеме и да биде зголемена одговорноста на администрацијата. Доколку обезбедиме спроведување на законот ќе имаме напредок“, смета Иванова.

Обраќање имаше и ресорниот министер, Насер Нуредини кој порача дека водата значи живот.

Работиме на нов закон за вода и тоа го хармонизираме со европската регулатива. Имаме рок до септември 2021 и ги повикуваме сите да ни се придружат за да имаме добар закон во нашата земја.

„Во државата имаме места каде нема чиста вода за пиење и во моментот работиме на прибирање на сите податоци и информации со цел за изнаоѓање решенија.  Јас и кога го почнав мандатот кажав дека ќе се залагам за да обезбедам чиста вода за населението“, додаде Нуредини.

Денешниот настан е дел од кампањата Разбистри се’,  во чии рамки беа спроведени анализи кои покажаа дека квалитетот на водите е еден од приоритетите на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан и во Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени.

Северна Македонија треба да вложи значителни напори за спроведување на законодавството на ЕУ во оваа област и на мерките за намалување на загадувањето и уништувањето на реките и езерата, како и за инвестирање во водната инфраструктура, со цел одржливо користење и заштита на водите. Покрај континуираната посветеност на националните власти, потребни се и финансиски средства кои земјата не може самостојно да ги обезбеди – нотира Институтот за комуникациски студии.

 

Фото:  Архива, Македонски медиа сервис

Вања Мицевска