Во Делчево е формирано Партиципативното тело за урбанистичко планирање. Целта на формирањето на ова тело како што истакна Горан Петровски, советник за енергетска ефикасност при Општина Делчево е обезбедување поголема вклученост, учество и придонесување на граѓаните во процесот на урбанистичкото планирање.
-На формирањето на ова тело му претходеше измена на статутот, што сметам дека ќе придонесе за обезбедување инклузивност, партиципативост и јавност. Партиципативното тело ќе биде составено од сите членови на комисијата за урбанизам, надворешни лица, како и стручни лица вработени во Општина Делчево што го изработуваат урбанистичкиот план кој е предмет на расправа, информираше Петровски.
Мандатот на членовите на партиципативното тело како што додаде ќе биде со времетраење од 4 години.
-Она што е значајно за функционирањето на ова тело е тоа што во иднина неговите членови имаат право да присуствуваат и да учествуваат во расправа на сите седници на советот, на кои ќе се расправа за утврдување нацрт урбанистички планови, донесување урбанистички планови, како и донесување годишни програми за урбанистичко планирање на територијата на Општина Делчево, додаде Петровски.
Одлуката за формирање на партиципативното тело беше поддржана и од страна на делчевскиот Совет.