Виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија” – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/21 7:42 AM

Виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија”

Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии, во рамки на кампањата „Разбистри сѐ!”, ќе одржат виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија”.

На конференцијата ќе се дискутира за научените лекции, предусловите и предизвиците за имплементација на директивите на ЕУ во однос на одржливото искористување и заштита на водните ресурси во Северна Македонија.

На онлајн конференцијата, според организаторите, свои обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски и британската амбасадорка Рејчел Галовеј. На панел дискусијата ќе зборуваат Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Давор Перчан од Директоратот за животна средина на Европската комисија и експерти од релевантни институции од земјата и регионот.

Квалитетот на водите е еден од приоритетите на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан и во Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени.

Северна Македонија треба да вложи значителни напори за спроведување на законодавството на ЕУ во оваа област и на мерките за намалување на загадувањето и уништувањето на реките и езерата, како и за инвестирање во водната инфраструктура, со цел одржливо користење и заштита на водите. Покрај континуираната посветеност на националните власти, потребни се и финансиски средства кои земјата не може самостојно да ги обезбеди, посочуваат организаторите на виртуелната конференција.