Владата ја усвои и даде поддршка за Концепцијата за основно образование – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/21 9:04 PM

Владата ја усвои и даде поддршка за Концепцијата за основно образование

Владата на денешната седница даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование за која во подготовката беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации.

Како што соопшти владината прес-служба, во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието.

Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование.

Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН, стои во соопштението.

Натаму се додава дека посебно место во Концептот на основно образование има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови.