Властите на Саудиска Арабија соопштија дека вакцинацијата против коронавирусот (Ковид-19) ќе биде еден од основните услови за овогодишниот аџилак, пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Саудискиот министер за здравство, Тавфиг бин Фавзан ал Рабијах, одржа состанок со ресорните официјални претставници на таа земја и соопшти дека сите заинтересирани за учество на овогодишниот аџилак мора да ја примат вакцината против Ковид-19.
Весникот „Указ“ јавува дека министерот Ал Рабијах исто така им наложил на ресорните служби благовремено да ги подготват амбулантните пунктови и здравствениот персонал кој за време на аџилакот ќе биде ангажиран во Мека и Медина.
Тој побара и формирање на комисија за Ковид-19 што ќе ја анализира ситуацијата и ќе дава препораки и наредби поврзани со аџилакот.