Промоција на најновото од македонската кинематографија
Почнувајќи од денес, Агенцијата за филм ќе биде присутна во рамки на виртуелното издание на Европскиот филмски маркет, кој се одржува во период од 01-05 март. Имено, оваа година поради пандемијата, значајниот европски филмски маркет на кој присуствуваат голем број од европските и светски филмски имиња се одвива во виртуелен формат.
Оваа година, Агенцијата за филм закупи дигитален простор наменет за промоција на македонската кинематографија. На својот промотивен профил, вклучени се информации за институцијата но и она што може да го очекуваме во периодот што следи а се однесува на најновите остварувања кои во моментов се во завршна фаза на реализација.
Ова претставува одлична можност за поголема видливост на македонскиот филм и можност за остварување на контакти и потенцијални соработки важни за развој на дејноста.
Сара Климоска, една од 10те млади таленти Shooting Stars 2021 (European Film Promotion)
Меѓу другото, како дел од активностите во кои Агенцијата за филм зема учество а се одржуваат во соработка со филмскиот маркет е и претставувањето на нашата млада ѕвезда Сара Климоска, која е дел од иницијативата Shooting Stars во организација на European Film Promotion. Активностите за промоција на 10-те млади европски таленти опфатија бројни интервјуа со медиуми како и можности младите таленти да бидат претставени пред кастинг директори и филмски професионалци. Како еден од поддржувачите на Shooting Stars 2021 e и Агенцијата за филм која воедно го номинира македонскиот кандидат за оваа награда за која земјите членки на EFP (37 на број) имаат можност да предложат по еден кандидат, а само 10 ѕвезди ја имаат привилегијата да бидат добитници на истата.
Локација од филмот „Врба“ финалист за наградата за најдобра европска локација (European Film Commissioners Network)
Воедно, Европската мрежа на филмски комисии (EUFCN) кој е партнер на Европскиот филмски маркет, по четврти пат доделуваат награда за најдобра филмска локација (“Location award”), за локации кои се појавуваат во филмови од изминатата година. Ова е една до најважните награди за промоција на атрактивни локации за снимање на филмови. Како долгогодишна членка на Европската мрежа на филмски комисии, Агенцијата за филм за изминатата година го пријави прилепскиот регион, односно Мариово и Трескавец, атрактивните локации кои се појавуваат во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. Од вкупно 28 апликации, С. Македонија се наоѓа меѓу петте финалисти од Словачка, Германија, Италија и Литванија.
Ова е втора година по ред како нашата земја е дел од финалистите, по минатогодишната номинација на локацијата каде е снимена „Медена земја“.
На 2 март, ќе се одржи програмскиот дел на Европскиот филмски маркет каде продуцентите ќе имаат можност да ги претстават своите локации, виртуелно да разменат искуства и да се запознаат меѓу себе, а на крајот следи и доделувањето на Location Award.