Ќе не барате за гратиси – Ивент индустријата пред Влада одбележа една година помен од неработењето – ММС
ММС

Објавено на: 03/1/21 1:48 PM

Ќе не барате за гратиси – Ивент индустријата пред Влада одбележа една година помен од неработењето

“Помен – една година тишина“  беше мотото на компаниите од ивент индустријата со кое пред Владата се одбележа точно една година откако се воведе забраната за одржување јавни настани поради пандемијата.

Со спакувана опрема во кутии наредени на лентите на булеварот „Илинден“, вработените во оваа индустрија го искажаа револтот од тоа што цела година не смеат да организираат настани од кои зависи директно или индиректно егзистенцијата на над 20.000 вработени.

Организаторите на поменот се во неизвесност дали наскоро повторно ќе почнат со работа со оглед на тоа дека бројките со новозаразени со Ковид-19 повторно почнаа растат.

Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) побара компаниите од оваа дејност да добијат неповратна помош како што добија сопствениците на ноќните клубови.

„Денешниот протест е да го свртиме вниманието на Владата и на јавноста. Ова се кутиите во кои што колегите ја чуваат опремата, тука има светла, звучници, опрема за симултан превод. Вчера се наврши точно една година од забраната за организирање јавни настани. Цела година не работиме, не сме препознати од државата и бидејќи бројката на новозаболени почна да се зголемува ние бараме да седнеме да разговараме со Владата за мерки. Не гледаме дека во блиска иднина ќе почнеме со работа, а и непримерно е со овие бројки ние да организираме јавни настани. Се она што ние го договараме и преговаравме не се испочитува, а Владата донесе некои мерки кои не се разбирливи. Бараме час поскоро да седнеме. Ивент индустрија во цел свет е втора, по авиотранспортот, по загрозеност од пандемијата. Владата треба да најде начин да ја спаси индустријата, затоа што може да останеме целосно во тишина“, рече на протестот Маја Бабиќ од Асоцијацијата.

Асоцијацијата брои 40 членови од различни сектори: организатори, компании за изнајмување, техничка поддршка, видео и аудио продукции. Но, со неработењето многу професии страдаат. Ивент организаторите ги има во новиот петти пакет економски мерки, но само како точка дека ќе се помогнат без да се прецизира на кој начин.

„Ние сме гласни луѓе. Работиме со гласна музика, не би сакала да бидеме гласни како што знаеме да бидеме. Се уште мислиме дека ќе го решиме проблемот на тивок начин како што е денеска„, додаде Бабиќ.

 

Орце Костов