Насилните инциденти излегоа во преден план на демонстрациите во шпанскиот град Барселона, што се одржуваат со барање за ослободување на раперот Пабло Хасел, кој беше приведен на 16 февруари поради постоење правосилна затворска казна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите од локалната полиција во Каталонија, најмалку 10 лица се приведени на демонстрациите организирани од сепаратистичката и крајно левичарска партија Кандидатура за национално единство (CUP), екстремно левичарските синдикати и студентските здруженија, кои упатија повик за учество на демонстрациите преку социјалните мрежи.
За време на неодобрениот марш во центарот на градот, на кој учествуваа речиси 4.000 луѓе, насилни групи ограбуваа продавници, нападнаа некои банки и запалија едно полициско возило.
Во вестите што ги објавија шпанските медиуми се вели дека на демонстрациите, кои претежно биле сконцентрирани на улицата „Ла Рамбла“ и на плоштадот „Каталонија“, реагирала и полицијата, при што има повредени.
За време на демонстрациите во Каталонија, што траат веќе 12-ти ден, екстремно левичарските групи не само што бараат ослободување на раперот Хасел туку во исто време бараат и ослободување на сепаратистичките политичари притворени во Каталонија, измена на сегашниот закон за работни односи, откажување на Законот за заштита на безбедноста на граѓаните, што стапи во сила во 2015 година и ги ограничува правата за демонстрации, и воведување нова законска регулатива со која ќе се намалат цените за кирија.
Раперот Хасел беше префрлен во затвор на 16 февруари бидејќи му е досудена затворска казна во времетраење од 9 месеци поради изразите што ги користи на социјалната мрежа Твитер и во своите песни во кои го велича тероризмот и упатува навреди кон кралот и државните институции.
Хасел по друго обвинение е осуден на 2,5 години затвор за наводно заканување кон сведок.
Затворањето на шпанскиот рапер предизвика дебати за демократијата и слободата на изразување во земјата, предизвикувајќи криза меѓу партнерите на левата коалициска Влада.
Од првиот ден на демонстрациите досега во Каталонија се приведени повеќе од 120 лица.