Филипче: Кинеските вакцини многу скоро ќе ги имаме во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/21 6:53 PM

Филипче: Кинеските вакцини многу скоро ќе ги имаме во земјава

Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека авансот за кинеските вакцини против Ковид-19 е повлечен, нагласувајќи дека тоа е направено за наша сигурност. Филипче потенцира дека и покрај тоа разговорите за овие вакцини се во завршна фаза и дека тие за многу скоро ќе бидат во земјава.

„Тоа го направивме за наша сигурност, секако. Никако не значи дека нема да стигнат вакцините, но со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа многу често ни укажуваат. Се врати дел од средствата, но навистина преговорите сега овие денови па дури и за време на викендот ми се чини се во последната фаза и мислам дека сега целокупниот тој процес ќе се заврши и навистина вакцините за многу скоро ќе пристигнат во нашата земја, рече Филипче во изјава за телевизија Канал 5.

Во однос на вакцините од Ковакс механизмот, министерот за здраство рече дека оттаму за март се најавени 20 до 30.000 вакцини од АстраЗенека. Филипче посочи дека интензивно се разговарало и со производителот на руската вакцина Спутник V, за што верува дека во текот на оваа недела ќе имаме и конкретни податоци. Исто така, се чекаат и иформации од преставништвото на Фајзер и дека драфт договорот ќе пристигне.

„Тоа беше интензивна комуникација за размена на бројни документи така што мислам дека тој процес е навистина заокружен и тоа што сега се очекува во делот на Фајзер вакцината е да стигне драфт договорот од адвокатската канцеларија на оваа компанија во Њујорк, изјави Филипче.

Министерот вели дека компаниите имаат свои барања од приемот, одговорностите во делот на вакцините и дека тоа е процес што важи за секоја земја во светот.

Нашиот здравствен систем, според Филипче е подготвен за вакцинирање на населението и засега вакцинацијата одлично се спроведува.

„Околу 2.400 медицински работници се веќе вакцинирани и таа бројка веќе во следнава недела ќе достигне 4.000, значи ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници што работат со ковид пациенти, рече министерот за здравство Венко Филипче.

МИА