Лавина реакции за формула на Љубчо Георгиевски како да се реши спорот со Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/21 6:41 PM

Лавина реакции за формула на Љубчо Георгиевски како да се реши спорот со Бугарија

Предлогот на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за акциски план за решавање на релациите меѓу Скопје и Софија, предивикаа бурни реакции на политичката сцена.

Предлогот кој го објави експремиерот е во пет точки во кои, а меѓу другото, се бара Македонија да гарантира дека нема аспирација за Источна, односно Пиринска Македонија, и Бугарскиот парламент да донесе декларација за формирање на македонската нација и јазик во ’44-та. Тој предлага промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазикот.

Предлог е во режија на премиерот Заев, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, кој преку неговиот коалиционен партнер Георгиевски, го соопшти мастер планот за идентитетското обезличување. Според овој план Македонија треба да се откаже од историјата, јазикот и континуитетот на нацијата.

„За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да се согласи владата дека македонскиот јазик бил всушност бил бугарски, дека тој бил јазикот на коресподенција на македонските револуционери. Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Заев, пуштена преку Љубчо Георгиевски дека македонска нација е новосоздадена“, изјави портпаролот на опозициската партија, Арсовски.

Нашите ставови се различни од изнесените на Георгиевски. За идентитетот нема преговори, велат во СДСМ.

„Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговра на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, вели Георгиевска од СДСМ.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, реагираше на предлогот кој го даде поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за тоа како да се реши спорот со Бугарија.

 

Акцискиот план којшто го предложи поранешниот премиер Љупчо Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија и македонскиот народ. Овие ставови директно ги разнебитуваат нашите македонски корени, ги поткопуваат столбовите на постоењето на македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура со конечна цел декодифицирање на македонизмот. Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест, под итно треба да го врати македонското државјанство и да се извини на целиот македонски народ,“ напиша Димитриевски на социјалните мрежи.

 

Демократскиот сојуз ги отфрла како несериозни и аматерски предлозите за решавање на спорот со Бугарија изнесени од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.

„Зачудувачка е леснотијата со која Георгиевски лицитира со основните атрибути на македонскиот национален идентитет и се обидува да ги претстави како конструктивно решение во полза на двете страни.Предлозите на Георгиевски, особено за настанокот на македонскиот јазик, се порадикални и подеструктивни дури и од предлозите на најзакоравените бугарски националисти.Не е случајно што тие едногласно му честитаат на предлозите и му даваат безрезервна поддршка, зашто според нивниот тон и содржина, Георгиевски настапува како советник на бугарската влада, реагираат од оваа партија.

Реакција пристигна и од Бугарија. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ги пофали предлозите на Георгиевски, посочувајќи дека за него тие се добар почеток.