Заврши третата сезона на проектот „Ги запознаваме ретките болести“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/21 10:40 AM

Заврши третата сезона на проектот „Ги запознаваме ретките болести“

Нови 28. ретки дијагнози, осветлени бројни објекти и локации, ретка песна, трета ретка поштенска марка, бројни насмевки, нови статии на македонската Википедија, обоени дланки и поддршка од институциите…

Зад нас е третата сезона на проектот „Ги запознаваме ретките болести“ на охридскиот активист Гордана Лолеска, Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“. И оваа година екипата вредно работеше на подигнување на свеста за луѓето погодени од некоја ретка болест, но и со проблемите со кои се соочуваат тие и нивните семејства.

– Денеска светот го одбележува денот на ретките болести. Охрид цел февруари им го посвети лицата со ретките болести со националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, со многу осветлени објекти, обоени раце, многу цртежи и прекрасна песничка – „Ретка песна“ на ФА „Бисери“, хорчето „Весели бисерчиња“ и дуото Black Moon. Заедницата за ретки болести годинава се обедини со ланец светла низ целиот свет. Како и секоја година, така оваа се приклучуваме кон глобалниот повик на Еурордис за осветлување на локални и национални згради и споменици. Сите знаеме дека изминатата, но и почетокот на оваа година поминува, во светлото на COVID-19. Овој синџир на осветлени објекти се надеваме дека послужи како еден од симболичните начини за кршење на изолацијата на глобално ниво. Самуиловата тврдина е дел од осветлените објекти ширум целиот свет на официјалното видео на Rare Disease Day. Испраќаме огромна благодарност до сите кои се ретки по нивната добрина и кои помогнаа, секој на свој начин, гласот за ретките да стигне уште подалеку и да бидат уште повидливи и погласни. До сите спонзори и медиумски поддржувачи, сите мали вредни рачиња кои ни пишуваа секојдневно, ни испраќаа поддршка и убави зборови. Продолжува и соработката со „Вики клубот“ од Охрид, кои веќе подготвените текстови од проектот ги ставаат на македонската Википедија, која е побогата за 83 статии за ретки болести. Заедно со Македонска пошта ја промовиравме третата по ред поштенска марка посветена на децата со ретки болести. Со надеж за подобро утре… навремена дијагноза, пристапност и достапност на лековите за ретки болести да  застанеме само на момент колку да земеме здив, бидејќи утре е нов ден, а нашата борба продолжува, вели носителот на проектот и главниот „виновник“ за истиот, охриѓанката Гордана Лолеска.

Таа испраќа посебна благодарност до професорите и докторите од Детската клиника и Клиниката за Неврологија во Скопје во текот на изминатата година – Проф. Д-р Велибор Тасиќ, специјалист педијатриски нефролог, Проф. Д-р Иван Барбов, специјалист невролог и Д-р Тодор Арсов, специјалист имунолог генетичар, Д-р Нора Абази Емини, Д-р Гоце Калцев и Д-р Маја Танкоска кои се дел од стручните соработници на проектот. Секако и до целокупната екипа на Супер радио која и годинава технички беспрекорно го реализираше и промовираше овој проект, но и до 49 локални, регионални и национални медиуми и 2 сателитски канали кои дадоа безрезервна медиумската поддршка.