Филипче од Гостивар: Апелирам до матичните лекари да ги пријавуваат луѓето над 70 години за вакцинација – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/21 1:25 PM

Филипче од Гостивар: Апелирам до матичните лекари да ги пријавуваат луѓето над 70 години за вакцинација

Гостивар, 27 февруари Министерот за здравство Венко Филипче, по посетата на Гостивар запрашан каков е интересот на гостиварци за вакцинирање оцени дека одѕивот е слаб најави и кампања за да се подигне свеста.

– Правевме анализа и преку сајтот и преку матичните лекари се пријавени навистина малку граѓани во онаа прва категорија над 70 години околу 1.500 од близу 6.000 граѓани. Апелирам до матичните лекари од Гостивар и од регионот да ги пријавуваат своите пациенти на возраст над 70 години со хронични болести. Тие треба да се првата следна приоритетна следна група и да ги внесуваат податоците во системот мој термин. Тие ќе бидат веднаш после лекарите и медицинските сестри од Гостивар, рече министерот за здравство.

На новинарско прашање што со оние граѓани што не сакаат да се вакцинираат, Филипче потенцира дека со интензивна комуникација преку матичните лекари, преку кампањата којашто следи треба да се подигне свеста.

Тој оцени дека во овој момент ситуацијата во Гостивар е стабилна со по десетина хоспитализирани пациенти. Меѓутоа, како што нагласи тоа не е знак дека граѓаните треба да се опуштат и да не ги почитуваат мерките.

– Заради тоа гледаме какви зголемувања на бројките во Кавадарци, Прилеп и Охрид како со дијагностицирани, но и хоспитализирани пациенти, изјави Филипче.

Тој најави дека не е исклучена можноста за нови рестрикции, но засега нема да има.

– Нема таква индиција заради тоа што порастот не е таков како што беше почетокот на ноември. Има благ пораст што не е ризик за болничките капацитети, но секако е причина да бидат граѓаните апсолутно многу внимателни, истакна министерот Филипче.

(З.Г.М.)