Во обид за бегство од затвор во Хаити загинаа 25 лица – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/21 9:58 AM

Во обид за бегство од затвор во Хаити загинаа 25 лица

Според првичните информации, 25 лица, од кои шестмина осуденици, починаа во немирите што ги предизвикаа затвореници во обид да избегаат од затвор во карипската земја Хаити, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Според вестите објавени во регионалните медиуми, затворениците кои започнале бунт во затворот „Куа де Буке“ во близина на главниот град Порт о Пренс и потоа избегале од затворот, се судриле со полицијата.

Во интервенцијата на безбедносните сили досега животот го загубија 25 лица, од кои 6-мина затвореници, а повеќе од 200 лица избегаа од затворот.

Претставниците на власта објавија дека затворениците напаѓале граѓани при бегството од затворот, и како последица на тоа, животот го загубиле и некои граѓани.

Се дознава дека полицијата досега фатила 69 затвореници во операцијата насочена кон лицата што избегале од затворот.

Од друга страна, беше објавен и податокот дека меѓу бегалците од затворот се наоѓа и еден од водачите на вооружените банди на Хаити.

Претседателот Жовенел Моиз на својот профил на социјалната мрежа Твитер во врска со настаните напиша: „Ги осудуваме оние што побегнаа од Куа де Буке и го повикуваме населението да остане смирено. Ги дадов сите потребни упатства за Националната полиција да преземе контрола над настанатата ситуација.“

Затворот „Куа де Буке“ се наведува како симболично место на опозиционерите обвинети за организирањето државен удар против претседателот Моиз на 7 февруари.