„Амнести интернешнал“ (Аmnesty International) објави дека еритрејските сили, кои ја поддржуваат операцијата на Армијата на Етиопија против бунтовниците на Народниот фронт за ослободување на Тиграј (TPLF) на северот од земјата, убиле стотици цивили во градот Аксум, известува агенцијата Анадолија (АА).
Во извештајот на организацијата подготвен врз основа на изјавите на преживеаните и очевидците, се наведува дека еритрејските сили пукале врз цивилите на улиците и при упадите во домовите на градот Аксум на 28-29 ноември 2020 година, при што се масакрирани стотици невооружени цивили.
Во извештајот се вели дека врз основа на сателитските фотографии добиени од одделот „Лабораторија на докази“, зајакнати се обвинувањата за пукање и грабежи без да се прави некаква разлика меѓу цивилите. Исто така, во извештајот се наведува дека има знаци за постоење масовни гробници во близина на две цркви во градот.
Дипрос Мучен, директор на „Амнести интернешнал“ за Источна и Јужна Африка, истакна дека во извештајот е забележано дека етиопските и еритрејските сили извршиле бројни воени злосторства при обид да го заземат градот Аксум, потенцирајќи дека ладнокрвното масакрирање на цивилите од страна на еритрејските трупи претставува злосторство против човештвото.
Етиопија по започнувањето на операцијата „Тиграј“ на 3 ноември, влезе во градот Аксм на 19 ноември 2020 година, а на 28 ноември 2020 година го освои Мекеле, главниот град на етничкиот регион Тиграј.
Во регионот каде што продолжуваат конфликтите, голем број водачи на Народниот фронт за ослободување на Тиграј, меѓу кои и поранешни министри, биле пронајдени мртви.