Прилепскиот Основен суд првпат изрече доживотна казна затвор – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/21 12:58 PM

Прилепскиот Основен суд првпат изрече доживотна казна затвор

Прилепскиот основен суд изрече доживотна казна затвор за 52-годишниот Никола Петрески, кој во јануари лани уби двајца, а тешко рани едно лице во семејна трагедија која го потресе Прилеп.

Според Жарко Велески, портпарол на Основниот суд во Прилеп, пресудата донесена вчера е за сторени четири кривични дела: едно за убиство, две за обид за убиство и за семејно насилство. Со психијатриско вештачење, судот утврдил дека бил пресметлив кога ги извршувал тешките кривични дела, а судот ги зел предвид отежнувачките околности за извршување на овие дела.

-Осуден е за четири кривични дела, а станува збор за најтежок вид кривични дела. Тука има кривично дело од областа на семејното насилство. Судот, при донесувањето на одлуката, согласно одредбите по член 39 од КЗ ги ценеше сите околности за донесувањето на пресудата. Посебно земени се отежнителните околности: видот и карактерот на кривичните дела за кои се товари обвинетиот, бројот на сторените кривични дела, начинот како се направени кривичните дела, изјави Велески.

Тој вели дека ова е прва доживотна казна затвор што ја изрекува прилепскиот суд.

-Ова е првпат од постоењето на прилепскиот Основен суд, прво како општински, а потоа со проширена надлежност, да биде изречена ваква ригорозна, највисока казна. Не е за пофалба, камо да не се случеше ваква семејна трагедија, рече Велески.

Семејната трагедија која го потресе Прилеп, се случи на 11 јануари лани во утринските часови, околу 8 часот, кога Петрески се појавил на вратата од семејната куќа на семејството на поранешната сопруга. Со пиштол ги убил неа и нејзината мајка и тешко го повредил братот на поранешната сопруга. Трагедијата се случила пред очите на 10-годишниот син кој е сместен кај роднини на мајката и е под надзор на Центарот за социјални работи. Петрески е во притвор до издржувањето на казната. Има право на жалба пред Апелациониот суд во Битола.

MИА