Актуелната пандемија го продлабочи родовиот јаз и ги стави жените во нееднаква положба со мажите. Мерките предизвикаа родови нееднаквости, па жените го презедоа товарот на грижа за децата и семејството во отсуство на услуги на грижа. На секој петти родител, таткото беше ослободен од работа, а мајките преземаа три четвртини од севкупната грижа. За 20% се зголеми бројот на случаи на семејно насилство. Ова се дел од состојбите што ги нотира Центарот за истражување и креирање политики ЦИКП вметнати во анализата „Справување со ковид-19: како трошењето на јавните пари влијае на родовата еднаквост?”.
Во оваа анализа во фокус се јавните финансии кои беа определени за реализација на мерките на Владата од првиот, вториот и третиот пакет-мерки за одговор на кризата во вкупна вредност од 194,4 милиони евра согласно периодот за кој се прави анализата, март/април до јули 2020 година од родов аспект.
Мерките од првите два антикризни пакети кои ги донесе Владата не овозможија преживување на женските бизниси. Вакви економски мерки беа воведени дури во третиот пакет, покажува анализата, но според невладината, тие се „срамежливи“.
Според податоците од Агенцијата за вработување од почетокот на кризата (состојба на 29 февруари 2020), споредено со 31 јули 2020, бројот на регистрирани невработени мажи пораснал за 32%, додека на жените 36% .
Анализата открива уште еден тренд, дека темпото на раст на регистрирани невработени жени е поголем отколку кај мажите, што сугерира дека можеби кризата несразмерно повеќе негативно влијае на вработеноста кај жените во однос на мажите.
Освен ова, документот покажува дека актуелната пандемија ја зголемила опасноста од влошување на економската положба на жените, особено на оние од ранливите групи. Како пример се наведува затворањето на училиштата и градинките, каде што обврската за чување на децата дома и нивниот образовен процес во најголем број случаи го презеле жените и оваа мерка довела и до губење или оставање на работата заради грижата за децата и домот. Поради зголемените обврски во домот, не биле во можност да работат и од дома. Дополнително нивното напуштање или губење на работата во овој период, исклучително го отежнува нивното враќање на пазарот на труд и евентуалното повторно вработување поради сè поголемото затворање на работните места предизвикано од кризата и погоденоста на секторите со традиционално поголемо учество на жените во нив.
Друг пример за институционализација на родовите стереотипи, според ЦИКП, се забележува во начинот на распределување на субвенциите за спортисти и културни работници, каде што во првиот домен доминантно поголем број корисници има мажи, што не е случај во вториот домен, каде што поголем дел од регистрираните уметници се жени, но корисниците на мерките се мажи. Оваа сегрегација која е резултат на родовата историска дискриминација на жените во спортот со мерките се утврдува, а во културата се создава, наместо мерките да поттикнат трансформација и да ја унапредат родовата еднаквост – се вели во документот.
За прибирање на податоците кои тој ги содржи, Центарот за истражување и креирање политики анкетирал граѓански организации кои работат на полето на родовата еднаквост. Тие забележуваат дека не биле консултирани при креирањето на мерките, кои како што наведуваат, не ги отсликуваат реалните потреби. На ова укажа и проектната и извршна директорка на ЦИКП, Марија Ристеска која на денешната презентација на документот апелираше родовата еднаквост да биде составна компонента на антикризните мерки.
При претставувањето на главните наоди, Ристе Јуруковски кој беше вклучен во развојот на студијата како независен истражувач посочи дека од 46 анализирани мерки кои може да имаат родова димензија, а беа наменети за полесно справување со кризата од ковид-19, само за 14 може да се смета дека се родово позитивни, а само две родово трансформативни.
Оттука, во анализата се препорачува властите да развијат антикризни мерки кои подеднакво ќе одговорат на потребите и на мажите и на жените погодени од пандемијата, разбивајќи ги родовите стереотипи. Познавачите бараат од властите мерките да ги спроведуваат транспарентно и потоа да го анализираат нивното влијание во трансформацијата во состојбите на родовите односи.
Вања Мицевска