За мене среќа се сапуните, а тоа значи храна за моите деца – Која е приказната за сапуните на Марија – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/21 11:29 AM

За мене среќа се сапуните, а тоа значи храна за моите деца – Која е приказната за сапуните на Марија

Нема девојка или жена која не сака да биде негувана, а кога се во прашање козметичките препарати, на пазарот ќе најдете најразлични од секакви марки. Но, она што сите го сакаат се органските козметички производи кои нема да и наштетат на вашата кожа. Природни сапуни кои содржат само природни масла, какао путер, шеа путер, бадемово масло, маслиново масло се само дел од Приказната за сапуните на Марија – Soap story, која ги изработува со многу љубов и внимателно избрани материјали. Оваа нејзина голема љубов, како што вели Марија, се родила некаде помеѓу личните падови, егзистенцијните прашања и ковид кризата.

Колку време се занимаваш со производство на органски сапуни и како дојде до оваа идеја?

-Сапуните се дел од мојот живот уште од раното детство. Бев многу палаво дете и мојата баба, која правеше секакви сапуни, секогаш ме вклучуваше во процесот на производство (освен кога работеше со каустична сода) за да седам мирна. Овој процес го следев току внимателно и спокојно, што неможеше да се каже за било која друга работа. Кога бев тинејџерка и се борев со мозолчиња, сапуните на баба ми го спасуваа денот. Но, откако ми се роди ќеркичката која страдаше од атописки дерматит, решив да ги исфрлам од употреба комерцијалните средства и да ги заменам со природна козметика. Почнав од сапунот и црвенилото исчезна. Од тој ден, интензивно правам сапуни и природна козметика за моето семејство и поширокото опкружување. Од неодамна, оваа моја голема љубов, која е присутна во моето семејство повеќе од  еден век, доби и име… ја нарековме Soap Story ( Приказна за сапуните). Некаде помеѓу личните падови, егзистенцијните прашања и ковид кризата се роди и приказната.

Објасни ни на кратко како тече постапката? Материјали, ароми, колку време е потребно за изработка на еден производ…

-Постапката за производство на било кој производ (сапун, пилинг, путер, балсам…) започнува исто, со дезинфицирање на површините на кои се работи и целокупната опрема и алатки со кои се работи. Ова е првиот и најбитниот чекор од процесот на производство и е нормативен стандард кој се нарекува “Добра производна пракса” Потоа започнуваат калкулациите и мерењето, а веднаш по нив, следи топењето. На вака растопените путери и масла, откако ќе се оладат, им се додава предходно подготвениот раствор од вода и NaOH (каустична сода), кој неретко содржи и други додатоци. Во овој момент започнува процесот на емулгирање односно процесот на сапунификација. При крај, се додаваат минералните бои, термолабилните екстракти и есенцијални масла. Ова е постапка за еден наједноставен сапун. Оваа постапка, во зависност од големината на сапунот и деталите за негово декорирање трае 2-3 часа, а понекогаш и повеќе. Сапуните кои во себе содржат козјо или друго млеко, глина, епсом сол и други додатоци, имаат малку поинаква постапка за подготвување.

Најчесто користени материјали во процесот на производство се: какао путер, шеа путер, бадемово масло, маслиново масло, палмино масло, јојоба, пчелин восок, витамин Е, безбедни минерални козметички бои, есенцијални масла, епсом сол,екстракти, глицерати, мацерати и слично.

Колку производството на сапун те смирува, те прави среќна?

-Ако за некого среќа е одмор на Малдиви, за мене среќа се сапуните и полн инбокс нарачки, зошто за мене нарачките значат храна на маса за моите деца.

Дали Македонките преферираат да купуваат органска козметика?

– Да, Македонките и жените од сите други етникуми кои живеат во Македонија, се многу самосвесни и во ништо не заостануваат во однос на жените од поразвиените земји во светот. Жално е што нашиот стандард ни ги ограничува можностите, но слободно можам да кажам дека македонската жена е еманципирана во областа на органската козметика и е свесна колку може комерцијалниот сапун да и наштети на нејзината кожа. Но, во услови кога неможе да си дозволи постојана употреба на природен сапун, свесно го изложува своето кожно здравје на ризик. Зошто, пак, природните сапуни се поскапи во однос на комерцијалните? Природните сапуни содржат само природни масла (базни и есенцијални), кои се неспоредливо поскапи од синтетичките.

Освен органски сапуни, што друго произведувате?

– Нашата палета на производи вклучува: путери за тело, балсами за усни, пилинзи за тело и пилинзи за усни. Сите достапни во неколку ароми и бои. Дел од нашата палета на производи се и веганските лабела за усни достапни во шест различни ароми како и уникатниот прав за капење, наречен “Unicorn Dust” или Прав од еднорог. Шумливите бомби за капење се хит производ и незаборавно спа искуство за сите кои ги пробале. И секако, сапуните кои ги имаме во многу многу бои, ароми и со различен состав, сите прилагодени на потребите на клиентите.

Засега шоуто го водам сама, но ми помагаат две другарки во делот на пакувањето и сликање на производите, а понекогаш и за транспорт на материјалите или сетовите.

 

Дали ова е Ваша главна професија и дали се заработува доволно од производството на сапуни за да се прехрани семејството?

– Моја главна професија е самохрана мајка на две дечиња и откако ја имам оваа професија, не ми е битно дали работам по струка, туку дали ќе можам да ги задоволам основните потреби на моите дечиња. Јас сум скромна жена, а така ги воспитувам и децата. Од изработка на сапуни не се живее, но се преживува… барем засега, благодарејќи на сите задоволни муштерии кои несебично не препорачуваат.

Мајка си на две деца, како успеваш да постигнеш баланс помеѓу домот и работата, која е твојата главна мотивација?

– Да бидам искрена, сеуште го немам пронајдено балансот. Постојано ми недостигаат неколку часа во денот, кои редовно си ги кратам од моето спиење, но направив договор со себе, дека ќе надокнадам за спиењето кога ќе ми пораснат децата. Главна мотивација ми се два пара светнати очиња кои ме будат секое утро.

Моника Пејоска Насковска