Платформата за родова еднаквост бараат Јавното обвинителство итно да го расчисти случајот „Јавна соба“ во спротивно ќе продолжат со протести – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/21 12:01 PM

Платформата за родова еднаквост бараат Јавното обвинителство итно да го расчисти случајот „Јавна соба“ во спротивно ќе продолжат со протести

Јавното обвинителство не доволно ги заштитува жртвите на родово засновано насилство. Со оглед на тоа што Обвинителството е клучен орган на прогон на сторителите на кривичните дела, постапките за насилство врз жени и девојки не се водат доволно стручно и професионално, вели Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба”. Тие упатија конкретни барања до ЈО со рок за нивно реализирање до 8 –ми Март.

„Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“; – Обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот, доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени, засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување на санкции согласно закон, започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени, донесување, фактична и доследна примена на внатрешна акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родовозасновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство(Истанбулска конвенција)“, вели Коцевска.

Доколку ЈО не ги исполни нивните барања до најавениот рок 8 –ми Март, од Платформата за родова еднаквост велат дека нема да престанат да го адресираат прашањето во јавноста и ќе продолжат со протести.

Г.Д