ВМРО-ДПМНЕ Штип денеска на прес конференција обвини дека излегува на површина, како што велат оттаму, неспособноста на локалната власт.
„Полека, но сигурно поминува првата година од мандатот на градоначалникот Бочварски, а за изминатиов период имавме можност да го утврдиме нивото на неговата „компетентност“, „стручност“ и „снодливост“ во управувањето на општината. Ако успехот го цениме по тоа што направил, најеклатантен пример за неговата работа е токму незавршената обиколница од бул. Гоце Делчев до населба Сењак. Иако овој проект беше во завршна фаза од претходниот градоначалник, и прашање на денови беше поставувањето на мостот, кој требаше да ја финишира обиколницата, после повеќе од една година и од доаѓањето на СДС на власт, истиот не е завршен“, изјави на денешната прес конференција Емилија Миладинова од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред неколку месеци градоначалникот тврдеше дека водотекот на река Брегалница е превисок, за да се постави мостот на обиколницата од нас. Сењак, до бул. Гоце Делчев, но кои се неговите оправдувања денес, кога водите на реката се намалени“, праша Миладинова, која вели дека Бочварски е должен да им каже на граѓаните, до каде е работата со втората фаза од овој проект, која лично тој, јавно ја ветуваше.
„Очигледно е дека Градоначалникот сака да „ќари“ политички поени за сметка на мостот, но граѓаните не забораваат дека проектот го изработи ВМРО-ДПМНЕ и го реализираше до завршна фаза“, додаде Миладинова.