Итно укинување на регулацискиот план за Влае 2 и негово враќање на доработка (т.н. Градска четврт СЗ 19) бара граѓанската иницијатива „НаТочак“, со кој велат дека ќе се оневозможи формирање на функционална велосипедска мрежа во овој дел на градот.
Во моментот, во овој дел постои државно земјиште и потенцијал за изградба на попречна велосипедска врска низ Влае, линеарен парк за жителите и безбедни тротоари до училиштето Димо Хаџи Димов. Велосипедската врска би можела да поврзе две постоечки велосипедски патеки на растојание од речиси еден километар, но, со вчерашното усвојување на планот од страна на град Скопје, оваа можност ќе се укине, бидејќи тој слободен простор се пренаменува за домување. Ова е воедно и единствената можност за поврзување на бул. Партизански Одреди и ул. Васил Чакаларов со попречна патека.
Во овој план, опфатенa e населбата Влае 2 – од Порта Влае на запад до река Вардар на исток. Тој ги вклучува и просторот спроти ОУ Димо Хаџи Димов и Кино Влае, како и просторот покрај улицата Ангел Динев кои исто така од јавен простор се претвораат во станбен.
Иницијативата веќе некое време работи на предлог решение за овој простор кој предвидува и линеарен парк, но, за жал, за овој регулациски план дознале вчера, на самиот ден на закажаната седница на Град Скопје, во последен момент и без можност да дадат предлог, иако неколкупати претходно апелирале за навремено информирање и споделување на плановите и проектите, а не кога веќе нема можности за реагирање. Тие испратиле уште истиот ден допис до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, координативното тело, советниците, како и Општина Карпош од кои побарале усвојувањето да биде одложено, со понуда и тие да се вклучат активно во разработка на планот но и покрај тоа, град Скопје продолжиле и го усвоиле овој план.
-Ако градот се грижи за јавниот интерес и ако навистина се залагаат за велосипедско скопје и за Скопје Зелена Престолнина, овој план мора да биде повлечен, велат од иницијативата.
Доколку овој простор би останал јавна површина и се уредил со парк, зеленилото би било трипати поголемо од сега предвиденото со новиот план.