Искривена слика за економијата ќе биде последицата од поднесените завршни сметки од сметководителите доколку надлежните инсритуции не го пролонгираат рокот за оваа обврска кој истекува на 28-ми месецов, односно на 15-ти март. Вака денеска предупреди Комората на сметководители од каде потенцираа дека оваа професионална фела се наоѓа во вакум простор со сериозни проблеми. Дел од сметководителите се во изолација и тие не се во можност да ги извршуваат своите работни обврски.
„Ние постојано испраќаме апели за одложување на завршните сметки за подобрување на квалитетот на финансиските извештаите. Ова ќе бидат најнеточни завршни сметки во историјата на самостојна Македонија. Постојано баравме и апелиравме, но не наидовме на прием од Министерствата за финансии и за економија и не’ загрижува тој игнорантски однос“, изјави претседателот на Комората, Драган Митковски.
„Ние се чувствувме како професија која е единствено имуна на ковид-19 затоа што за сите важат одредени мерки, одење на работа преку еден ден или преку една недела, а ние со роковите кои ги имаме со кои паралелно ни се наметнуваат нови обврски не е возможно да ги одработиме сите потребни операции за да предадеме завршни сметки без грешки и без последици кај деловните објекти во идниот период“, потенцира потпретседателката на Комората, Ана Тасевска.
Таа додаде дека сега бараат да се имплементира 477 од Законот за трговски друштва, кој вели дека поднесувањето на годишните сметки е два месеца по истекот на календарската година освен кога законодавецот може да го искористи своето право и да го пролонгира тој рок.
Не треба да чекаме да помине уште време и колегите да се секој ден под стрес. Комората бара министерствата да ги искористат своите надлежности и да ги пролонгираат роковите затоа што пред се’ е најважно здравјето на колегите, а потоа обработката на податоците – додадоа сметководителите.
Тие апелираа да се надминат сите партиски интереси, бидејќи нивните барања како што велат, се во интерес на државата.
Сметководителите ќе бидат принудени на импровизација и ќе добиеме искривена слика за економијата. Ако задоцниме со роковите, ќе имаме дополнителни извештаи и во тоа брзање ќе добиеме искривена слика – предупредија на денешната прес конференција.
Вања Мицевска