Француското електро дуо познато под името „Дафт Панк“, по 28 години соопшти дека става крај на соработката.
На невообичаен начин преку видео-материјал од приближно осум минути, насловен како „Епилог”, со сцени од филмот „Електрорама“, фамозната група се прости за последен пат од својата фан-база.
Том Бангалтер и Ги-Мануел де Омем Кристо во последниот заеднички настап се појавуваат како роботи во пустина и на крајот од снимката доаѓа до експлозија на роботот со натпис „1993-2021“.
Бендот основан во престолнината на Франција, познат и по својата мистичност и „сај-фај“ кациги кои беа карактеристични за секој нивен настап, се поврзува со електронската хаус музика French touch, а првиот забележителен успех го остваруваат со албумот „Homework“ од 1997 година.
Музичката светска јавност за првпат ги запознава со целиот обем со хитот „Around the world“.
Од формирањето во 1993 година, „Дафт Панк“ издава само четири студиски албуми („Homework, „Discovery“, Human After All“, „Random Access Memories“). Француската група има освоенo шест „Греми награди“, а последен музички продуцентски печат остава на четири композиции на американскиот хип-хоп артист Канје Вест, како и со соработката со канадскиот пејач The Weeknd преку песната „Star Boy“.
Фото:
billboard.com