Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше во онлајн дебатата на Сегментот на високо ниво на 46та сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева, соопшти МНР.
-Ќе можеме успешно да ја спречиме ерозијата на хуманоста и солидарноста, како фундаментални принципи, само со прифаќање и спроведување на мерките кои во својот фокус ќе ја имаат човечката димензија, истакна Османи.
Констатирајќи дека пандемијата на Ковид-19 влијае врз секојдневниот живот и економските токови на глобален план, со своевидна рефлексија и врз уживањето на човековите права и слободи, министерот Османи, во своето излагање се заложи за засилена соработката и координација во рамките на меѓународната заедница.
Во делот на дискусијата за справување со предизвиците на пандемијата, тој се осврна на мерките и активностите што Владата ги презема за справување со последиците од пандемијата Ковид-19, како и за спроведување на политиките во доменот на заштитата и унапредувањето на човековите права.
На сесијата на Високиот сегмент која трае од 22-24 февруари, учествуваат десетина шефови на влади и држави, и над сто и дваесет министри за надворешни работи, со цел да ја реафирмираат важноста на работата на Советот за човечки права и неговите механизми за справување со предизвиците за уживање на човековите права и слободи глобално, особено за време на Ковид-19 пандемијата.