Денарот и понатаму ќе остане стабилен, тврди вицегувернерот Фадил Бајрами – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/21 11:55 AM

Денарот и понатаму ќе остане стабилен, тврди вицегувернерот Фадил Бајрами

Вредноста на домашната валута ќе остане и понатаму стабилна и за тоа не треба да има никакви дилеми, вели во интервју за МИА вицегувернерот Фадил Бајрами.

– Сегашното, високо ниво на девизни резерви, како и плановите и проекциите за нивното движење во натамошниот период, се цврста гаранција за стабилноста на денарот. Кога станува збор за вредноста на домашната валута, не треба да има никакви дилеми дека таа и понатаму ќе остане стабилна, вели Бајрами.

Во однос на тоа што очекуваат оваа година и дали има простор за поддршка на економијата во справување со предизвиците од пандемијата, Бајрами посочува дека постојано се следат состојбите и дека доколку е потребно ќе се изврши соодветно приспособување на монетарната поставеност.

–Она што секако е јасно и што го покажуваат глобалните текови, е дека е потребно монетарната политика да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае неизвесноста околу завршувањето на пандемијата, но и во периодот после тоа. Во согласност со ваквите текови, ние ќе продолжиме со релаксираната монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и на задржување на стабилен девизен курс на денарот. Секако, во секој момент сме подготвени да примениме и други соодветни мерки, кои се во наша надлежност и кои би дале соодветни резултати, вели Бајрами.

Тој напоменува дека ефектите од преземените мерки од почетокот на пандемијата потврдуваат дека Централната банка во рамки на своите надлежности обезбедиле соодветна поддршка за економијата и граѓаните полесно да го пребродат шокот и предизвиците што ги наметна пандемијата.

За финансискиот систем Бајрами наведува дека го издржа и соодветно одговори на ударот од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет да се справува со натамошни предизвици и воедно да биде движечка сила за заздравување на економијата што ќе следува по периодот на неизвесност предизвикана од пандемијата.

Вицегувернерот смета дека вакцинацијата ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната.

– Веќе е општо познато дека интензитетот и случувањата поврзани со здравствената криза имаат големо влијание врз економските движења. Оттаму, спроведувањето на вакцинацијата, која е една од клучните стратегии за справување со пандемијата на Ковид-19, несомнено ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната економија која е зависна од случувањата на меѓународен план. Конкретно, вакцинацијата може да претставува позитивен сигнал што ќе ги поттикне оптимистичките прогнози и со тоа да придонесе економското закрепнување да се одвива и побрзо отколку што првично се очекуваше. Но, сепак се уште е рано да се прејудицираат такви ефекти, дури не се добие појасна слика за здравствените ефекти од вакцинаци јата врз интензитетот на пандемијата, наведува Бајрами.