Две лица од Беране се уапсени поради сомнение дека усмртиле мечка (која е заштитено животно) во селото Ржаница, соопштија од Полициската управа на Црна Гора. Определен им е и 72-часовен притвор, пренесуваат црногорски медиуми.
Полицијата синоќа привела повеќе лица од селото Доња Ржаница, откако јавноста во Беране беше вознемирена од информацијата дека од заседа е отстрелана мечката која, по будењето од зимскиот сон, заталкала, а мечињата се најдоа на улиците во центарот на градот Беране.
Како што вчера пренесе ММС, на социјалните мрежи вчераутро се појавија фотографии од две мечиња што шетаат во градот Беране, Црна Гора. Едното се качило на дрво пред хотелот „Беране“ откако прво тропнало на влезната врата на хотелот, а второто се прошетало низ центарот на градот. Фотографиите на Инстаграм ги поставил беранецот Миќо Добрашиновиќ, кој за порталот „Беране онлајн“ ја раскажал и маршрутата каде се дижеле мечињата.
Веднаш била повикана полиција да ги обезбеди мечињата, а на лице место дошле и од ловечкото друштво. На крајот, во Беране стигнал и интервентен тим за зашита на крупни ѕверки од Подгорица, кој безбедено го спуштил мечето од дрвото кај хотелот и на двете мечиња им обезбедил безбедно враќање во приридната средина.