Среќата овојпат не ги следеше докрај храбрите: Италија во финишот го скрши силниот отпор на македонските кошаркари – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/21 6:12 PM

Среќата овојпат не ги следеше докрај храбрите: Италија во финишот го скрши силниот отпор на македонските кошаркари

Доколку се играше само едно полувреме, Македонија веројатно би била една од потрофејните спортски нации во Европа. Кога се работи за нашите репрезентативци во колективни спортови, оваа фраза е навистина веродостојна.

Избраниците на селекторот Тодоров покажаа цврста борба и во најголемиот дел од натпреварот беа во најмала рака рамноправен противник во однос на фаворизираниот противник. Сепак, во последната четвртина од дуелот, особено во последните пет минути, кошаркарите на Македонија загубија концетрација и енергија и не успеаа да го однесат мечот во Перм кон завршница со позитивен исход.

Италија со 92:84 победи и се зацементира на првата позиција на табелата во групата Б во квалификациите за Европското првенство во 2022 година.

 

Кошаркарот на шпански Хувентуд, Ненад Димитријевиќ и натурализираниот дебитант Џејкоб Вајли, потпомогнати од искусниот Војдан Стојановски, ја одржуваа резултатската неизвесност и барем накратко ги одржаа надежите на Македонија за големо изненадување. Иако првата четвртина припадна на Италијанците, она што се случуваше на паркетот во Русија го охрабруваше селекторот Тодоров и навивачите на кошаркарската репрезентација.

Двете тројки на Бојан Трајковски и 19-те поени на Димитријевиќ до крајот на втората четвртина беа и повеќе од доволни за водство на Македонија на полувреме со 43:41. Tреба да се спомене и тоа дека Македонија имаше солидна предност од „плус осум“ при крајот на воведните 20 минути од двобојот, но лошиот процент на реализација на слободни фрлања (19/28) и добриот шут на Италија за три поени (40 отсто реализација), претставуваа пречка за комплетно резултатско одлепување на црвено-жолтите.

Подмладениот и поради „екскурзиите на ФИБА“ десеткуван состав на Италија, на самиот старт на вториот дел навести враќање во мечот и нова победа. Ефикасноста во офанзивната фаза и добрата дефанзива им донесе инстантно изедначување, а тројката на плејмејкерот на Динамо Сасари, Марко Сису, им го донесе на „Аѕурите“ посакуваното водство. Пред почетокот на одлучувачките десет минути, Македонија влезе со минимално водство од 64:63.

А таму, другото лице на кошаркарите. Италија по тројката на Трајковски влезе во серија од 7:0 и го сврти резултатот во своја полза. Центарот на Пелистер со уште една тројка и шутот на Вајли од дистанца ги израмни бројките на семафорот во Перм, но од тој момент Италијанците „ставија во втора брзина“ и повеќе искусно одошто на некој сув квалитет, рутинирано го приведоа дуелот до самиот крај.

Покрај стабилната и коректна тимска игра, во споредба со нашето издание против Естонија, може и те како да радува брилијантната партија на Нено Димитријевиќ. Играчот на Хувентуд со 24 поени, 12 асистенции и два скокови беше убедливо најдобриот поединец на натпреварот. Џејкоб Вејли со 17 поени, шест асистенции и еден скок, даде до знаење дека селекторот Тодоров може сериозно да смета на него и неговите изразени квалитети. Искусниот Војдан Стојановски со 15 поени, три асистенции и уште толку скокови, претставуваше значителна поддршка за истакнатиот двоец во нашиот табор.

За Италијанците, Теситори со 18 поени, шест асистенции и три скокови се најде на врвот на статистичката листа на селекцијата на чие чело стои Сакети, додека пак организаторот на играта на Динамо Сасари, Спису, со 13 поени контрибуираше во победата на Италија.

Следниот меч момците на Александар Тодоров го играат утре против репрезентацијата на Русија.

 

 

 

 

 

Фото:

Тwitter / @EuroBasket