За ангажирање механизација, работници, сол и чакал за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2020-2021 година ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра. До овој момент се склучени 94 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, најголем дел во 2020 година, а помал дел во 2019 година, но со двегодишна важност – покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Анализата која е објавена денеска нотира дека вакви тендери имале 41 општина и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонија пат. Ова претпријатие всушност ќе потроши и најмногу пари за одржување на патиштата во зимски услови, односно само за оваа зимска сезона склучило договори со приватни фирми за 5,7 милиони евра. Тоа е две третини од сите пари што се трошат во земјава за оваа намена.
Најголем дел од договорите на Македонија пат се за 2020-2021, но има и двогодишни договори склучени во 2019 година, а кои важат и за оваа зимска сезона 2020-2021.
Најголем меѓу тендерите на Македонија пат е оној за набавка на индустриска сол за патиштата за две години, во вредност од речиси 7 милиони евра, односно по 3,5 милиони евра годишно за оваа и за следната зимска сезона. Станува збор за набавка на 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон.
Покрај овој тендер, Македонија пат има склучено уште 24 други договори за ангажирање на камиони, градежни машини и превоз на материјали за зимското одржување на патиштата за целата територија и за секоја своја подружница одделно.
Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување на улиците и на патиштата, на прво место според вредноста на добиените тендери е Димакс рудници од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7,5 милиони евра. На второ место е тетовската ГАН-ЛОГИСТИК која во 2019 и 2020 година, односно за оваа зимска сезона има склучено десет договори со Македонија пат во вредност од 1 милион и 170 илјади евра. На трето место со еден тендер во вредност од 1 милион евра, за чистење на Градот Скопје е Аполо Инженеринг.
Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека за шест тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи.
Сите договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во база на податоци во отворен формат, за натамошно користење. Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2020 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2019 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2019 и 2020 година – појаснуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Фото: Архива