Грчкиот премиер, Алексис Ципрас денеска прогласи тридневна национална жалост за 50-те жртви од пожарите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас во телевизиското обраќање до јавноста рече дека „не постојат зборови што ќе ги опишат чувствата на сите, а земјата живее неопислива трагедија“:
„Денес Грција жали и во сеќавање на оние што загинаа, прогласуваме тридневна национална жалост. Но, не треба да дозволиме жалоста да нė освои, затоа што овие часови, се часови на борба, обединетост, храброст и пред сė солидарност, затоа што само така, само сите заедно, можеме да застанеме пред трагедијата“.
Тој лично се обврза дека никој нема да биде заборавен и никој нема да остане без помош од државата, но и ништо нема да остане неодговорено.
По наредба на обвинителката на Врховниот суд на Грција, Ксени Димитриу ќе биде спроведене истрага за причините за пожарите. Обвинителката побарала да се спроведе истрага за сė што е поврзано со пожарите.
Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос денеска го соопшти билансот на жртвите од пожарите до 11.30 часот по локално време (10.30 часот по средноевропско време), според кој загинале 50 лица, а пак, 172 се повредени, од кои 11 сериозно:
„До овој момент во болниците во Атика, згрижени се 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност. Во овој момент, за жал бројот на жртвите е 50 лица. Противпожарната служба, во соработка со полицијата продолжува со тешката задача на евиденцијата и информирањето ќе биде континуирано. Од друга страна, бродови на крајбрежната служба и нуркачки единици ја проверуваат областа за пронаоѓање на можни заглавени, додека до овој момент извлечени се вкупно 715 луѓе, главно од областа Мати“.
Првиот пожар беше регистриран во четвртокот, а во изминатите 24 часа се појавија пожари и во источна Атика и се проширија на туристичките места Мати, Рафина, Неос Воуцас и Пентели. Во изминатите 24 часа, од 6 часот вчера, до 6 часот утрово, во Грција биле регистрирани 47 пожари.
Трагичниот исход од пожарите беше причина претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис да даде наредба знамето на Законодавниот дом на Грција денеска да се вее на половина копје во знак на жалост.
Министерството за надворешни работи на Грција им се заблагодари и на Кипар, Израел, Шпанија и Европската комисија за понудената помош, но и на „сите пријатели и партнери кои изразија сочувство и солидарност со драмата на грчкиот народ“.
Помош понудил и градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, до неговиот колега од општина Атина.
– Со градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис контактираа градоначалниците на Тирана, Ерион Велај и на Скопје, Петре Шилегов, кои ја изразија нивната огромна поддршка за она низ што поминува Атика, како и нивната намера за итна помош преку Атина, за до погодените области. Каминис, им се заблагодари за солидарноста што ја демонстрираат и договорија нов контакт за следните чекори – соопштуваат од кабинетот на Каминис.
Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, ќе се зголеми бројот на жртвите.
Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер вчера ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.
Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , седум авиони „канадери“ и 10 хеликоптери. Активни беа три жаришта, додека, пак, утрово, пожарот иако е ставен под контрола, сė уште не е целосно изгасен.
Пожарот во источна Атика е најголем во Грција од оној во 2007 година што го зафати Пелопонез. Во пожарот досега се уништени над 100 куќи и 200 возила.