Шармантна и секогаш насмеана, водителката Александра Илиевска имавме можност да ја гледаме секој ден на малите екрани, заедно со Марк и Никола во кулинарското шоу „Брза кујна“, а сега ужива во новата животна улога. Таа во јануари за прв пат стана мајка и ја доби ќеркичката Сара, а за мајчинството вели дека ништо неможе да го промени животот на една жена толку многу како моментот кога ќе стане мајка. Стравот како кај секои родители е присутен, но за ММС откри која е личноста која секогаш ја смирува и помага со совети, како и помошта околу обврските со бебето.
– Некако сеуште не ми се верува дека јас имам нова и многу важна улога, мајка. Сара е најубавото нешто што ми се има случено, чуствата, емоциите и љубовта не се опишуваат со зборови. Бременоста ми помина одлично и покрај сите нови околности и предизвици како корона вирусот.
Какво искуство беше бременоста, посебно во време на пандемија?
-Во тек на бременоста како и секоја жена која за прв пат се соочува со бременост ми надвиснуваа прашањата дали е сé во ред, дали моето дете е добро, како ли ќе се породам, дали добро ќе се снајдам во новата улога на родител. Сега сите овие прашања се поставуваат со плус една околност, пандемијата Ковид 19 што ни се случува на сите нас. Но, се што ни се случува не прави посилни па така и оваа нова околност. Во текот на бременоста прегледите беа сведени на минимум за да се намали ризикот од контакт, a целато патување од девет месеци помина одлично и навистина незаборавно. Имав одлична поддршка од сите, јас лично се фокусирав на позитивните страни со тоа што бев ослободена од сите работни обврски со оглед на пандемијата и мојата состојба, па така имав повеќе време за себе и се она што сакав да го правам, а во очекување на новиот член. На крајот на денот, коронавирусот е предизвик за целиот свет, храбро ќе го надминеме, бивајќи посилни!
Како изреагира кога дозна дека ќе станеш мајка и како му ја соопшти убавата вест на сопругот?
– Денот кога дознав ќе го паметам засекогаш, со оглед на тоа дека бременоста ни беше одамна посакувана и планирана радоста не се опишува. Се сеќавам дека на преглед бев со тротинет со оглед на тоа дека беше лето, а моменот кога дознав ни сама незнам како успеав да стигнам до работното место на мојот сопруг за да му соопштам. Најголемата радост се зголемува кога е споделена. Бесценетa беше реакцијата на мојот сопруг, кога му ја соопштив прекрасната новост дека ќе станете татко. На волшебен начин оваа вест ни го затопли срцата и на двајцата.
Како помина породувањето и дали на него присуствуваше и сопругот?
– Породувањето беше магично, огромна е мојата благодарност до д-р Горан Кочоски, од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје кој ја следеше мојата бременост од самиот почеток. Тој заедно со целиот стручен, професионален тим од ГАК беа дел од најважниот ден за мене и моето семејство и придонесоа да е најубавото и позитивно искуство, крунисано со живо и здраво бебенце.
Сопругот не беше присутен, но целиот тим на ГАК на чело со д-р Кочоски ми дадоа сигурност дека се ќе помине како и што помина, одлично. Насоките од медицинските сестри присутни на самиот чин, водењето од докторот низ целиот процес направи да се помине природно, а нема да заборавам дека и од самиот настан пративме фотографија до Александар само десетина минути по породувањето за да го известиме дека се е во ред и има нова улога татко. Оваа фотографија и идеја беше супер во целиот процес кој помина. Навистина уште еднаш ќе кажам повеќе од одлично благодарение на др. Кочоски, сестра Ана, сестра Орнела. За жал не ги помнам сите по име но до сите кои на 23ти јануари беа со мене едно големо- благодарам.
Што помисли прво кога го виде бебето?
– Кога прв пат ја видов чуствата и емоциите направија да заборавам на сите породилни болки, и да од тој ден знам дека љубовта има ново име- Сара. Сите кои имаа деца и зборуваа за нив со толку емоции мислев дека претеруваат, но кога ќе ви се случи знаете дека нема претерување на нешто што е толку искрено и толку кревко, а е создадено со љубов.
Како го избравте името Сара?
– Имавме неколку имиња кои ни се допаѓаа и многу бевме неодлучни. Старосватицата ми подари и книга, речник на лични имиња за да имаме повеќе инспирација, па така имавме пет имиња кои ни беа во потесен избор, но сопругот сепак остави на мене. Кога се породив и ја имав во раце првото име кои ми дојде да и го кажам беше Сара, таа е наша мала слатка принцеза.
Симпатично беше дека некои од пријателите не зезаа за избор на некои од имињата, но кога им ја пративме на слика беше преубава реакцијата дека кое име и да сме го одбрале таа ќе го украси со својата убавина. И навистина е така, самата личност го прави името кое детенцето со својот карактер и харизма го краси.
Како ти поминува еден ден со ќеркичката и кој ти помага околу обврските?
– Деновите се различни и што и да планирате се менува бидејќи таа го диктира темпото на денот. Времето ми поминува многу брзо и некако за жал не успевам се што сакам да направам и завршам. Помошта во овој период заради пандемијата е ограничен и ми помага само мојата свекрва. Благодарни сме што не одменува колку што може бидејќи сепак најголемиот товар се на мама и тато.
Колку те промени мајчинството, дали откако стана мајка чувствувате некаков страв, одговорност, освен секако преголемата љубов?
– Ништо не може да го промени животот на една жена толку многу, како што тоа може да го направи мајчинството. Грижата за уште едно кревко суштество ги менува жените на многу прекрасни начини, независно дали станале мајка со природно породување или царски рез, со сурогат мајка или со посвојување. Промените кај себе лично мислам дека во идно време се повеќе и повеќе ќе ги забележувам, а со оглед на тоа дека 35 години се грижев за моите потреби со задоволство ќе се препуштам на се што значи мајчинство. Сите луѓе имаат стравови како родители, исто и ние. За да го надминам се она што ме вознемирува и ми е непознато што ми создава страв тука ми е една личност која комплетно ме смирува и ми дава диверба со секој совет, тоа е мојата пријателка Нате личност на која сум и бескрајно благодарна за сите совети и се она што ми го споделува и како лекар и пред се како пријател. Мојот совет до сите е да најдат некој со кого можете да разговарате за тоа како се чувствувате, особено кога ви се случува нов непознат стадиум во животот како бременост и новата улога на мајка. Исто добро е да ги избегнуваме информациите и социјалните медиуми кои често со пласираните информации знаат да вознемират и да создадат чувство на паника.
Често Марк и Никола се шегуваа дека не знаеш да готвиш, дали откако стана мајка научи да бидеш добра во кујната?
– Од ,,Брза кујна,, и овие извондредни шефови и луѓе научив многу. Благодарение на нив осознав нови техники и методи кои значат за кратко време минато во кујна на трпеза да принесете вкусен оброк. Ова е привилегија бидејќи од оние кои учиме најчесто се долги и традиционални јадења кои земаат многу време, а со ова темпо ретко кој има можност да одвои голем дел од денот за да подготви оброк. Затоа се што гледате на Сител ТВ во 17.00 часот е вистински вкусно и маестрално подготвено, а во вкусот уживаат натпреварувачите и тимот. Ве охрабрувам да пробате и дома да направите некоја рецепта која ќе ви остави впечаток и да уживате. Јас пет сезони уживав и учев, а сега ги поддржувам и следам како гледач.
И да, можеби кога заполовив во брачните води посветив повеќе време во кујна, а сега и кога сум мајка желбата е уште поголема. Верувајте се што се прави со љубов, желба и посветенос има успех.
Што прославивте Св. Валентин или Св. Трифун?
– Убаво е да се наоѓа постојано причина за славње. Па така со чаша убаво вино и многу љубов секоја година ги одбележуваме и Св. Трифун и Св. Валентин, а оваа година одбрав безалхохолно пиво и убаво мезе. Постојано треба да се наоѓа причина и во малите нешта и во обичните денови, за на саканите да им разбудиме насмевка на лице и да им покажеме колку ни значат.
Ти недоставуваат ли ТВ камерите и кога планираш да се вратиш на малите екрани?
– Ми недостига темпото кое го имав, а сите кои ме познаваат знаат дека навистина сакав и работев многу во повеќе свери. Но, убаво е животот кога ќе ни приреди нова сцена и ќе не натера да ја промениме брзината со која минуваме низ животот. И да ми недостига работа, чуството да станеш наутро и да се подготвиш за денот, но и чуството да си целиот ден во пижами, да се будиш во било кој дел од денот во искрена прегратка знае совршено да го надополни и целосно да го избрише тоа што сега ми недостига.
Уживајте во секоја фаза од животот. Работете сами напорно и барајте инспирација секој ден. Давајте го максимумот од својот капацитет во секој сегмент.