Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на денешната седница донела заклучок за носење ново Упатство за примена на Кодексот за етичко однесување на пратениците. Ова произлегло од расправата за спроведување на препораките на ГРЕКО во однос на Упатството за примена на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието.
Пратениците констатирале дека нецелосно се спроведуваат препораките на ГРЕКО. Претседателот на Комисијата Панчо Минов за МИА изјави дека било договорено да се пристапи кон изготвување на ново Упатство за етичко однесување на пратениците со цел да се подобри довербата на граѓаните во народните избраници и во Собранието.
Според него, новото Упатство би можело да биде готово до лето, а би се изработило согласно препораките на ГРЕКО, но и во соработка со собаниската служба, НДИ, ОБСЕ, Државната комисија за спречување на корупцијата.
Минов вели дека треба да се прецираат и да се доуредат одредени работи, посочувајќи на примери како судир на интереси, добивање подароци, во кои случаи пратениците ќе мора да сносат санкции…
На Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања како прва точка требаше да се расправа и за спроведувањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието. На барање на опозицијата оваа точка била одложена за пратеничките групи да можат уште еднаш да се координираат.