Откупот на тутунот ќе продолжи до 31 март – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/21 3:09 PM

Откупот на тутунот ќе продолжи до 31 март

До 31 март ќе се продолжи рокот за откупот на тутунот, а во петтиот пакет антикризни мерки тутунарите ќе добијат помош од пет милиони евра, договорија денеска тутунопроизводителите, компаниите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Оваа недела ќе се преземаат договорените колични, а од следната треба да стартува откупот на вишокот.

Тутунарите сметаат дека е понижувачки да добијат по 10 – 12 денари за килограм колку што е предвидено со петте милиони евра од петтиот антикризен пакет. Тоа, велат, треба да е КОВИД-мерка, а разликата во цената од сегашните 165 до најавените 180 денари, Владата треба посебно да ја надомести. Пари, според нив, има, потреба е само добра волја да се распределат.

„Засега, просечната цена е 165,3 денари. До денеска се откупени 21 милион килограми тутун, а заклучно со утре се очекува да бидат откупени 98 отсто од договорените количини. Потоа ќе продолжи откупот на вишокот тутун што реално е најголемиот проблем годинава. Јас уште утре на Влада ќе предложам по брза постапка измена на Законот за тутун за да се пролонгира рокот за откуп до 31 март, а не да биде до крајот на овој месец.  Во петтиот пакет антикризни мерки предвидовме пет милиони евра за тутунарите, но динамиката и начинот на кој ќе се исплатат останува да ги договориме откако ќе заврши целиот откуп„, изјави министерот по средбата.

Според Хоџа, вишокот тутун е главно во Долнени и тука треба да се засили динамиката на откуп.

-Ако се држиме до тоа што се договоривме, до петок ќе имаме многу јасна слика за Долнени. Разликата на просечната цена со овие дополнителни пет милиони евра ќе се обидеме да го реализираме ветеното – просечната цена да не биде под 180 денари. Тоа е максимумот што можеме да го направиме, рече Хоџа.

Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Тутунари од Македонија“ укажа дека т.н. вишок е всушност дел од производството за кое не се склучени договори. Не се работи за голема количина и целиот тутун мора да биде откупен.