Сојузот на средношколци ќе го прифати решението за државна матура, договорено на последната средба со премиерот Заев, пратеничката Зајкова и советникот на премиерот Тасев, информираат од Сојузот на средношколци, ваквата одлука е донесена вчера 13 -ти февруари 2021 година од страна на Генералното собрани на Сојузот на средношколци.
„Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени. Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти“, информираат од Сојузот на средношколци.
Тие веруваат дека комромисот што го постигнале ги задоволува два клучни принципи за кои се залагаа, квалитетот на образованието и интересот на учениците.
„ Во извештаите на ОЕЦД државната матура е посочена како една од посилните страни на нашиот образовен систем. Сојузот планира овој епитет да го задржи. Исто така, вреди да се напомене дека моделот на 2 екстерни и 2 интерни испити бил веќе применуван во нашата земја од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година. Решението го брани интересот на учениците бидејќи им овозможува на амбициозните матуранти да се запишат на странски универзитети, а пак присуството на поголем број на интерни испити го олеснува процесот на подготовка за испитот. Поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик се здобие со послаба оценка на еден испит, таа оценка нема да влијае значително на бројот на поени“, информираат од Сојузот на средношколци.
Сепак како и за секој комромис и решение, така и по ова прашање Сојузот се грижи за својата страна – средношколците. Токму затоа тие испратиле до Владата неколку услови за нивно прифаќање на решението.
„Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и нас. Во оваа група треба да учествуваат претставници на Сојузот (ученици), наставници номирани од наша страна и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од Канцеларијата на премиерот. Планираме групата да работи до средината на март, а таа за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити. Со ова ние се осигуруваме дека ученичкиот глас ќе биде застапен во кратењето на програмите за испитите и дека тие промени навистина ќе се случат. Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираме: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот. Овој чекор ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити. Овој услов значително ќе го олесни процесот на подготовка.Нашиот трет услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот. Сегашниот модел доделува најмногу 5 поени за несоодветен есктерен испит. Ние бараме бројот на поени да се зголеми на 7. Со ова ги штитиме матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени. Нашето барање ја елиминира оваа појава“, напишаа на Фесбук странцата на Сојузот на средношколци.
Од таму велат дека властите признаа дека оваа учебна година не е како секоја друга и дека државната матура мора да претрпи измени. Иако постигнале заедничко решение, нивната борба ќе продолжи сè додека не го имплементираат целосното решение како и условите за прифаќање на истото. Сојузот ќе ја следи ситуацијата со државната матура до крајот на оваа учебна година.
„Средношколци – постигнавме договор и ги решивме нејасностите. Вашиот глас е алфа и омега за нас – борбата за средношколските права продолжува посилна од кога било“, напишаа од Сојузот на средношколци.