Здружението основано од граѓани кои себеси се опишуваат како „Локални Македонци“ во регионот на Серес, Грција, во близина на границата со Северна Македонија, грчкиот суд го прогласи за незаконско под обвинение за „обид да се создаде различна јазична и културна заедница во пограничниот регион“, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Според вестите на локалните медиуми, Апелацискиот суд во Солун ја одбил жалбата на Здружението, основано под името „Кириј и Методиј” (Adelfotita Dopion Nomu Serron Kirillos), за кое општинскиот суд донесе одлука да биде затворено, поради изразите користени во неговиот статут.
Судот ги прифати приговорите поднесени со образложение дека во статутот на Здружението стои дефиницијата „јазик на локалното население“, кој се однесува на македонскиот јазик што се зборува во регионот и донесе одлука да му се одземе правниот статус.
Членовите на Здружението, кои се спротивставија на одлуката на Апелацискиот суд, најавија дека ќе поднесат жалба до грчкиот Врховен суд (Arios Pagos).
Говорејќи за весникот „Ѓундем” (Gündem) со седиште во Комотини, генералниот секретар на Здружението, Јанис Пуниос, рече дека гледиштето кое преовладува во Грција не ги прифаќа разликите и дека ги спречува.
„Соочени сме со мислењето дека во земјата или во регионот постои единствена и чиста раса, само еден јазик и дека се зборува само на тој јазик“, рече генералниот секретар Пуниос.
Пуниос, истакнувајќи дека Здружението е формирано во 2017 година и дека неговиот статут е утврден од Општинскиот суд во Серез, рече дека поради зборовите „јазик на локалното население“ во неговиот статут, бил обвинет дека создава различна јазична и културна заедница во пограничниот регион Серес.
Наведувајќи дека тие сакале да формираат здружение за заштита на нивните културни вредности како локални граѓани на Серез, Пуниос рече дека се зачудени од тешкотиите со кои се соочиле.
„Здружението не го основавме заради политички цели. Сакавме да формираме здружение за заштита и одржување на нашите културни вредности, јазик, песни, ора. Здружението е основано на крајот на 2017 година. За жал, еден месец по основањето започнаа нападите. Оние што први нѐ нападнаа и нѐ навредуваа беа „Златна зора“ и Федерацијата на здруженија на Македонија (Грција). Веднаш по започнувањето на нападите, против нас беше поднесена тужба. Отидовме на суд. Се разбира, во овој процес бевме често повикувани да даваме изјави. Голем дел од нашите членови беа заплашени. Некои од нашите членови во тој период се откажаа од Здружението. Со други зборови, против нас беше поднесена тужба без да имаме некаква активност. Здружението беше прогласено за незаконско поради изразот „јазик на локалното население“. Сега се бориме да ја поправиме оваа погрешна одлука.“
Грција не дозволи и затвори и некои здруженија основани од турското малцинство во Западна Тракија, тврдејќи дека „во Грција нема Турци“.
Европскиот суд за човекови права пресуди дека Грција го прекршила членот 11 од Европската конвенција за човекови права за слобода на собирање и здружување.
Жалбите кои се поднесуваат за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права остануваат без резултати.