Да работиме заедно за да ги надминеме бариерите за девојките и жените во науката: Трибина за предизвиците на научничките во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/21 5:27 PM

Да работиме заедно за да ги надминеме бариерите за девојките и жените во науката: Трибина за предизвиците на научничките во земјава

Девојчињата треба уште од мали нозе да бидат охрабрени да истражуваат. Културата на менторство треба да се издигне на повисоко ниво, а менторите на девојките во академската средина да бидат отворени во врска со предизвиците со кои се соочуваат жените во науката. Ова го истакна денеска универзитетската професорка Јасмина Петреска Станоева на трибината „Професионални и лични предизвици со коишто се соочуваат научничките во Република Северна Македонија”.

Настанот го организираше сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, по повод Меѓународниот ден на жените и девојките научници.

„Овозможувајќи им еднакви можности за образование на девојките ги поттикнуваме да не го напуштат образовниот процес и во иднина да бидат дел од науката”, нагласи Ѓоргиевска, додавајќи дека сите заедно треба да работат на надминување на бариерите за девојките и жените во науката.

„Повеќе жени во наука е важна тема и за Агендата 2030. До 2030 година земјите во светот треба да изградат отпорна инфраструктура, да промовираат инклузивна и одржлива индустријализација и да поттикнуваат иновација. Оваа цел не може да се оствари без еднакви можности за жените научнички и истражувачки. Нееднаквиот пристап на жените и девојките до СТЕМ- областите е кочничар за одржливиот развој. Со својот придонес, научничките можат да го забрзаат темпото и да помогнат да се надомести загубеното време во постигнување одржлив развој”, рече Ѓоргиевска.

Таа нагласи дека за подобри резултати, потребен е долгорочен ангажман преку инвестирање во образовен систем кој ќе нуди еднакви можности за сите.

„Треба да ги поттикнуваме девојките да бидат дел од науката, истакна таа додавајќи дека како општество потребно е да обезбедуваме механизми со кои ќе се поддржат жените да бидат дел од повеќе научни истражувања. Верувам дека со ангажман од државата, академската заедница и бизнис- заедницата, можеме да успееме. Да охрабруваме платформи, програми и инкубатори за жени и за девојки истражувачи во СТЕМ-областите. Да се стремиме кон општество и кон образовен систем што ќе ги охрабрува девојките да студираат во СТЕМ-области, и притоа да го дадат најдоброто од себе за да бидат позитивен пример не само за својата туку и за наредните генерации. Да бидеме катализатор на промени за подобро општество за секој од нас”, истакна сопругата на претседателот, Ѓоргиевска.

Дискутирајќи за предизвиците од институционална природа, Елисабета Бајрами Ологу, раководителка на Одделот за социјална работа и социјална политика на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје ја истакна потребата од истражувачки центри, како и поголема финансиска поддршка за докторантите од областа на истражувањето.

На хибридниот настан, учествуваа научнички кои дискутираа на повеќе теми осврнувајќи се на личните и професионалните предизвици со коишто се соочуваат, на влијанието на пандемијата ковид-19 во нивната секојдневна работа, како и за вклученоста на научничките во високото образование и научната работа.

Тема на годинешниот виртуелен настан во Обединетите Нации за одбележување на 6-от  Меѓународен ден на жени и девојки научнички  е „Надвор од границите: еднаквост во науката за општеството”, со посебен фокус на вредноста на социјалните аспекти и културните димензии во науката, технологијата и иновациите за подобрување на програмите за одржлив развој.