Времето денеска ќе биде облачно, со пороен дожд кој некаде ќе надмине 20 литри на метар квадратен. Ќе дува и силен ветер од преку 70 километри на час. Минималната температура ќе се движи од 2 до 8, а максималната од 8 до 15 степени.
Како што информира УХМР, претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а во попладневните часови ветерот ќе го промени правецот во северен и дополнително ќе засилува. Во текот на ноќта особено долж Повардарието ќе дува силен северен ветер.
На планините на северозапад ќе врне снег. Попладне, врнежите ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места.
Во Скопје ќе биде облачно со дожд и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Поради продор на многу студена воздушна маса попладне ќе почне да дува засилен северен ветер, кој ќе се задржи и во следните денови и ќе услови значително заладување.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, ветровито и студено. За викендот ќе биде многу студено со врнежи од снег. На планините ќе се зголеми снежната покривка. Утринските температури на места ќе се спуштат и до минус 12 степени, а и дневните на повеќе места ќе се задржат под нулата.