Иако на почетокот пристапуваа со предрасуди кон вакцините што Русија и Кина ги развија против коронавирусот, голем број членки на ЕУ, во екот на кризата со испораката на вакцината, ги менуваат ставовите и сè повеќе се свртуваат кон руските и кинеските вакцини, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Компаниите Фајзер/БајоНтек и АстраЗенека имаат големи потешкотии во подмирување на пазарот со вакцини против Ковид-19, а Унгарија е прва членка на ЕУ која постига договор за набавка на вакцините од Русија и Кина.
Поради проблемите во снабдувањето со вакцините од Западот, властите на Австрија, Франција, Шпанија, Чешка, Словачка, Шведска и Италија изнесуваат сè поумерени и попозитивни ставови во врска со набавката на руските и кинеските вакцини.
Неодамна и високиот комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, ја посети Русија и ѝ честиташе за успешниот развој на вакцината против Ковид-19. Борел во таа пригода изјави дека ефикасноста на вакцината „Спутник V“ претставува добра вест за човештвото.
Комесарот Борел отворено изјави дека ЕУ е соочена со проблем во снабдувањето на вакцините и дека добра вест би било Европската агенција за лекови (EMA) да ја одобри употребата на руската вакцина „Спутник V“.
Унгарија е прва членка на ЕУ што ја обвини Европската комисија за успореност во процесот на снабдување со вакцините. Будимпешта затоа се сврте кон Кина и Русија и со нив преговара за набавката на вакцината.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, на 22 јануари соопшти дека Унгарија постигнала договор за купување на два милиони дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека тие вакцини ќе бидат испорачани во рок од три месеци. Првиот контингент од 40.000 дози во Унгарија е испорачан на 2 февруари.
Паралелно со тоа, Сијарто на 29 јануари соопшти дека Унгарија постигнала договор за купување на пет милиони дози вакцини против Ковид-19 од Кина, што ќе бидат испорачани во рок од четири месеци.
Истиот ден унгарскиот премиер, Виктор Орбан, изјави дека има доверба во кинеската вакцина и дека лично ќе чека на нејзината испорака.
Унгарија има речиси десет милиони жители, а нејзината влада постигна договори за купување на вкупно 19,7 милиони дози вакцина против Ковид-19.
– Француската делегација на преговори во Русија –
Властите на Франција најавија дека сакаат до крајот на летото да ја вакцинираат целокупната популација на таа земја и дека не ја исклучуваат можноста за набавка и на вакцините што не доаѓаат од произведувачите од Западот.
Претседателот Емануел Макрон на почетокот на овој месец изјави дека кампањата за вакцинација се спроведува со планираниот ритам.
Во Франција моментално со одобрение се користат вакцините Фајзер/БајоНтек, Модерна и АстраЗенека, а Макрон изјави дека француската делегација извршила позитивни преговори во Русија и за набавката на вакцината „Спутник V“.
Макрон додаде дека некои истражувања покажале дека руската вакцина има респектабилна ефикасност од 91 отсто.
– И Шведска даде зелено светло за вакцината „Спутник V“ –
Координаторот за вакцинација во Шведска, Ричард Бергстом, неодамна изјави дека во тек е постапката за одобрување на употребата на руската вакцина против Ковид-19, „Спутник V“.
„Неодамна спроведените три фази на тестирање на голем број луѓе покажаа дека вакцината Спутник V има добар безбедносен профил и ефикасност од 91,6 отсто. Резултатите од истражувањето на повеќе од 20.000 луѓе се објавени во престижното научно списание Лансет“, изјави Бергстром.
– Позитивен пристап за кинеската вакцина од Италија –
Генералниот директор на Агенцијата за лекови во Италија (AIFA), Никола Маргини, на 13 јануари изјави дека кинеската вакцина против Ковид-19, „Синовак“, веројатно би можела да биде кандидат за вакцина во Европа.
Тој за „Радио24“ изјави дека ЕМА наскоро би можела да ја анализира таа кинеска вакцина и резултатите од нејзините тестирања.
Истакнувајќи дека одлично би било да се зголеми конкуренцијата и изборот на вакцините на пазарот, Маргини изјави дека во таквиот развој на ситуацијата во добивка би биле и Кина и Европа.
Франческо Ваија, челникот на римскиот Институтот за инфективни болести „Лацаро Спаланцани“, неодамна изјави дека и руските и кинеските вакцини се развиени и произведени за благосостојба на човештвото и дека како такви и се валоризираат.
– Австрија заговара вакцините да бидат надвор од геополитичките превирања –
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, ја повика надлежната европска агенција ЕМА да спроведе анализа и тестирање на вакцината против Ковид-19 од Русија и Кина.
„За вакцините против Ковид-19 е важно да бидат сигурни, ефикасни и брзо достапни. Прашањето за вакцината треба да се држи надвор од геополитичките дискусии и превирања“, порача Курц.
Курц, исто така, изјави дека доколку ЕУ одобри употреба на кинеските и руските вакцини, ќе започне иницијатива тие вакцини да се произведуваат и во Австрија.
И министерот за здравство на Словачка, Марек Крајчи, изјави дека неговата земја сака да ја купи руската вакцина „Спутник V“.
Тој изјави дека ЕМА сè уште не ја одобрила употребата на вакцината, но дека тоа би можело да се случи.
Премиерот на Чешка, Милош Земан, за тамошните медиуми изјави дека ќе побара од рускиот претседател Владимир Путин во таа земја да ја испрати вакцината „Спутник V“.
– Медиумите во Шпанија: „Русија и Кина се во предност“ –
Медиумите во Шпанија во голем број вести и колумни истакнаа дека Русија и Кина ја преземаат водечката улога во дипломатијата во екот на пандемијата на Ковид-19 и посакуваната имунизација на најширокото можно население и дека Европската Унија е неуспешна во тоа поле.
Во текстовите се наведува дека доцнењето во снабдувањето со вакцини против Ковид-19 во Европа произлегува од фактот дека сè зависи од одлуките на ЕМА, и дека Русија и Кина покажале дека геополитичките интереси се пред трговските.
Во стручен коментар што е објавен во шпанскиот весник „Ла Вангвардија“ (La Vanguardia), наведено е дека и некогашните славни светски владетели Наполеон, Џингис Кан и Александар Велики во актуелната ситуација во светот би ги вработиле научниците.
„Земјите што купуваат вакцини немаат посебни одушевувања кон Русија и Кина. Поголемиот дел од тие земји би сакале да склучат договори со Европската Унија, но ним им треба гаранција за брза испорака. Русија и Кина можат да продаваат или да подаруваат вакцини на кого сакаат. САД, Велика Британија и Европската Унија не се на тоа ниво“, се наведува во тој текст.