Се уште не се знае кога ќе пристигнат вакцините, но од утре секој ќе може да се пријави за вакцинација – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/21 12:25 PM

Се уште не се знае кога ќе пристигнат вакцините, но од утре секој ќе може да се пријави за вакцинација

Од утре се очекува да биде во функција сајтот за пријавување за вакцинација против ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека секој ќе може сам да се пријави, а системот ќе генерира кој спаѓа во приоритетната група, па кога ќе дојдат на ред за вакцинација, системот ќе праќа соодветно известување.

Според направениот план за вакцинација, во земјава дневно ќе можат да се вакцинираат по 880 лица во поликлиниките и дополнителни 500 во Клиничкиот центар во Скопје. Повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат двосменски ќе има во Здравствениот дом во Скопје и поликлиниките Ченто, Букурешт и Јане Сандански, а по една смена ќе  работи во останатите поликлиники.

– Засега се пријавени 4000 здравствени работници, околу 2000 се од Скопје а останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во вакциналните пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип. Ги утврдивме местата и лекарите кои ќе работат со системот на вакцинација, местата во кои ќе се чуваат вакцините, така што во првиот момент кога ќе стигнат вакцините ќе може и да започне процесот на вакцинација, рече Филипче.

На новинарско прашање дали граѓаните ќе може да изберат со која вакцина ќе се вакцинираат, министерот одговори дека тогаш кога ќе има повеќе вакцини на располагање ќе може да се зборува и за избор на вакцина. Засега не се знае кога ќе пристигнат вакцините на Фајзер, а нема ни точен датум за пристигнување на кинеските вакцини.