Финансиските директори очекуваат зголемување на невработеноста – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/21 11:16 AM

Финансиските директори очекуваат зголемување на невработеноста

Повеќе од половина од финансиските директори во Северна Македонија очекуваат раст на стапката на невработеност и сметаат дека 2021 година нема да биде вистинско време за преземање на поголеми ризици.

57% од директорите предвидуваат раст на невработеноста и исто толкав процент предвидуваат раст на БДП помал од 0,5 проценти, а само 14 отство над 3,5 проценти, покажа новото истражување на ревизорско-консултантската куќа Deloitte.

Според истражувањето спроведено од ноември до декември 2020, кое го претставува мислењето на 590 финансиски директори од 17 централноевропски земји, евидентен е општиот негативен надолен тренд во однос на претходната година во врска со изгледите за иднината. Просечниот очекуван раст на БДП за 2021 година е само 0,25 отсто во споредба со двата процента лани или 2,3-те отсто во 2019 година.

Во Северна Македонија, 71 отсто од финансиските директори предвидуваат раст на индексот на потрошувачките цени, додека само 14 отсто не очекуваат никаква промена на индексот.

– Како и во минатогодишното издание, гледаме како постојаната неизвесност околу пандемијата  продолжува да ги обликува начините на кои финансиските директори ја планираат претстојната година. Намалувањето на трошоците и проширување со аквизиција се едни од клучните стратегии на кои финансиските директори ќе се фокусираат оваа година, вели Оливера Андријашевиќ, партнер во Ревизија и лидер на CFO програмата на Deloitte.

Од 2018 година се повеќе финансиски директори очекуваат пораст на стапката на невработеност. И додека 36 проценти од испитаниците очекувале стапката на невработеност да порасне во 2020, сега се речиси 70 отсто од испитаниците, што јасно е дека е поврзано со КОВИД-19 и пазарот на трудот.

Финансиските директори и понатаму го гледаат интерното финансирање (49 отсто) и задолжувањето во банки (43 отсто) како одржливи извори на финансирање на своите организации.

фото: theindianwire.com