Апсурди:Три години се подготвувал теренот за хидроцентрала, а кочанчани и Општината разбрале по анонимен повик – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/21 3:53 PM

Апсурди:Три години се подготвувал теренот за хидроцентрала, а кочанчани и Општината разбрале по анонимен повик

Во близина на вештачката акумулација Гратче кај Кочани веќе подготвува теренот за изградба на градежниот објект од мини хидроцентралата на Мала Река, притока на акумулацијата, додека полека се загрева граѓанскиот отпор против централата. Всушност, исечените тополи и багреми го кренаа алармот кај граѓанските активисти, со барање Општината Кочани да не го издава последниот документ што му преостанува на инвеститорот, скопската компанија „ДИС Енергија“, а тоа е градежната дозвола. Општината на крај, по обезбедување на целокупната документација од компанијата инвеститор, по сила на законот ќе мора да ја издаде градежната дозвола, а со тоа и официјално почнат работите на изградбата на градежниот објект и поставување на цевководот во Осоговските планини, кои од крајот на минатата година се во постапка за прогласување на заштитено подрачје. Ова е еден од главните аргументи на граѓаните, но најважниот за нив е дека не биле прашани, односно, дека никаде нема документ за одржана јавна расправа, на кој ќе се чуе мислењето на пошироката јавност, што е пак еден од условите за добивање на документите за мини хидроцентралата. Локалната власт и граѓаните се едногласни дека јавна расправа никогаш не се одржала. Во вкупните документи  општината има потврда дека бил објавен јавен оглас за одржување на јавна расправа, но не и доказ дека навистина се одржала.

Дека некогаш се одржала јавна расправа не се сеќава Сашко Стефановски, кој веќе седум години, односно втор мандат, е член на Советот на Општина Кочани и актуелен претседател на Комисијата за комунални работи, просторно планирање и заштита на животната средина.

-По дојава на анонимен граѓанин кој видел сомнителни активности на тој терен, се заинтересиравме и на итна седница побаравме да добиеме информација што се случува на Мала Река. Беа обезбедени сите материјали и фактички советниците, општината и граѓаните разбраа во август 2020, а активностите биле започнати три години порано. Не сме можеле да знаеме, бидејќи некој не сакал тоа да се знае, изјави Стефановски.

Од добиената документација од повеќе владини институции, кои ги барале по службена должност, откриле дека првото позитивно мислење за изградба на МХЦ на Мала Река,  Општината Кочани го издала на 30 декември 2015 година, од тогашниот градоначалник Ратко Димитровски. Второто позитивно мислење, врз основа на кое Министерството за економија ја издало концесијата, е на некој ден пред Локалните избори, на 21 јули 2017 година. По издавањето на дозволата, компанијата ДИС Енергија, надоместокот за концесија, уредно си го плаќа.

-Јас немав таква информација дека некој има добиено концесија за изградба на МХЦ, за што упативме барања до сите институции за да се произнесат за евентуални негативни влијанија за изградба на таква МХЦ. Дел од институциите се изземаа од одговорност како Министерството за финансии, кои јасно укажаа дека тие немаат надлежности и дека евентуалното кочење ќе ги следи општината, а не МФ. Единствено Агенцијата за туризам се изјасни негативно, дека изградбата на МХЦ, ќе има негативно влијание врз туризмот. Ние како општина немаме никаква надлежност да стопираме изградба на МХЦ, отколку се обезбедат сите документи, тогаш сите последици и штети ќе ги сноси општината, објаснува градоначалникот Николчо Илијев.

И од Министерството за транспорт и врски им било укажано дека по исполнување на сите обврски на инвеститорот, општината е должна да издаде градежна дозвола. Во меѓувреме, компанијата започнала со сечење на дрвјата и расчистување на теренот за почеток на градежните работи. На Национални шуми, според градоначалникот Илијев, биле уплатени и средствата за обештетување по сечењето на шумата. На местото каде е предвидено градењето на објектот, кога отидовме може да се видат исечените дрвја и гранки, кои се’ уште стојат неподигнати. По течението на Мала Река пред овој објект, на траса долга близу два километри ќе се гради цевководот и зафатот. Пат во подножјето на планината нема, туку нискостеблеста шума, која делумно ќе биде отстранета. Активностите се стигнати до пред издавање на градежна дозвола од Општината. Меѓутоа, не и за граѓаните на Кочани, кои сметаат дека компанијата инвеститор, го нема најважниот документ, а тоа е дека се одржала јавна расправа.

-Општина Кочани не располага со никаков записник или извештај дека се одржала некаква јавна расправа. Постои само оглас дека ќе се гради таа ХЦ, но јавна расправа не е одржана. Го немаат најважното, а тоа е мислењето на граѓаните, го немаат документот за одржана јавна расправа. Уште една голема причина дека не треба да се изгради е тоа дека Осоговските Планини се заштитено подрачје, изјави Ана Симонова, претставник на коалицијата, која обедини петнаесетина граѓански организации обединети против изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река.

Екологистите се загрижени за последиците од работењето на мини хидроцентралата врз Брана Гратче. Советникот Сашко Стефановски, кој е професор по географија и долгогодишен планинар вели дека просторот околу браната е ерозивен и ситните камења поради конфигурацијата завршуваат во Браната Гратче.

-Тоа е клисурест дел, доста стрмен, со самото сечење на шумата ќе дојде до свлечиште на земјиштето, значи ќе имаме многу големи наноси од песокот од еродиран материјал, којшто ќе се таложи во езерото Гратче. Имајќи во предвид дека и сега, состојбата со северниот дел е загрижувачка, бидејќи длабочината му е само два – три метри, тоа е веќе исполнето за овие 50-тина години, јас ви гарантирам дека за 15- 20 години езерото ќе го снема. Рибниот фонд исто така, ќе се намали или ќе го снема. Проблем е ендемичниот свет- вилински кончиња, риби, змии, ракчиња, микро климата ќе се смени, ќе дојде до нарушување на квалитетот на водата. Браната барем половината ќе биде мочуриште, вели Стефановски.

Тој го истакнува фактот дека многу мала количина на вода тече, а летно време реката пресушува, па според тоа која е оправданоста на изградбата на мини хидроцентрала. Според студијата, како што вели Стефановски, определениот биолошки минимум е 11 литри во секунда или 0,0113 кубни метри, по што водата ќе понира веднаш.

Аргумент плус на ова тврдење дава и хидрологот Ангел Атанасов, кои учествувал во изградбата на браната Гратче, која се градеше во периодот 1958/1959 година.

Браната е градена во функција за водоснабдување за индустријата на Кочани и наводнување на Кочанско поле. Атанасов објаснува дека за зачувување на акумулацијата е извршено пошумување на сливот над акумулацијата за спречување на нанос во неа.

-Со промената на микроклимата со изградбата на браната дојде и до самопошумување на сливот, а со тоа се спречи нанос во акумулацијата. Бојазноста од изградбата на хидроцентрала над акумулацијата е што ќе се овозможи нанос во акумулацијата и намалување на акумулацијата. Претходно на трасите на овие објекти ќе се исече шумата покрупните дрва ќе ги отстранат останатите поситни материјали, гранки и друго ќе одат во коритото на реката а и во акумулацијата. Исто така на сите овие објекти ќе се извршуваат земјени работи и ископот на дел од земјата ќе пријде во коритото на реката, а со поголеми врнежи од дожд и снег во акумулацијата. Со намалување на акумулацијата ќе се намали наводнувањето и водоснабдувањето со индустриска вода затоа што акумулацијата служи за префрлување на зимските води во летниот период кога е наводнувањето. Од овие парични, не смее да се изгради овој објект над акумулацијата, со обзир дека Мала Река има мал водостој. Оваа мала хидроцентрала нема некое значење за државата, а ќе создаде огромна и ненадоместлива штета на акумулацијата и на намалување на пошуменоста на сливот над акумулацијата, е ставот на Ангел Атансов, хидролог, учесник во изградбата на браната.

Од компанијата „Дис Енергија“ соопштија дека компанијата „работи во целост согласно прописите во Република Северна Македонија и сите  документи согласно законите и законските одредби и согласно Концесискиот договор се доставени до соодветните институции“.

Во однос на противењето на граѓаните, кои најавуваат отпор против изградбата на МХЦ, од „ДИС Енергија“ одговараат дека како „одговорна компанија работат исклучиво согласно добиените дозволи, концесии и во согласност со прописите во Р.С.Македонија“.
-Изготвени се елаборати за заштита на животна средина. Протоколите за градба во целост се почитуваат и спроведуваат. Сите активности кои ги презема компанијата и во текот на градбата и по завршувањето на градбата се со максимално почитување на животната средина и биолошкиот минимум кој треба да се одржува. Компанијата ги има изработени сите потребни елаборати и добиено сите дозволи, така што граѓаните не треба воопшто да стравуваат по прашањето на деградација на животната средина  или водоснабдувањето. Отворени сме да ги слушнеме и разјасниме сите прашања кои ги имаат локалните жители. „Дис Енергија“ ги почитува и ќе ги исполни сите обврски кои ги има преземено со потпишувањето на договорите за концесија. Веруваме дека и другата договорна страна, Р.С. Македонија, ќе ги почитува своите обврски од договорот и ќе овозможи да се изградат хидроцентралите за коишто се исполнети сите услови согласно договорите за концесија“, соопштуваат од компанијата инвеститор и концесионер.

На проблемот со деградација на коритата на реките и последиците по биодиверзитетот укажува кампањата „Разбуди се“, која проценува дека: “Иако:„Иако секој проект за мала хидроцентрала обезбедува поединечна оцена на нејзиното влијание врз животната средина, не се проценува кумулативното влијание од повеќе мали хидроцентрали врз ист водотек (река). На ваков начин, проектите за мали хидроелектрани сериозно ги фрагментираат коритата, ги менуваат теченијата, го загрозуваат биодиверзитетот и ендемичните видови, се деградира квалитетот на водата, се менува пејзажот и се намалува количината на вода која треба да се користи и за други намени, со што се предизвикуваат бројни сериозни социоекономски проблеми.

Со стратегиите за развој на енергетиката и обновливите извори на енергија и со студиите за мали хидроелектрични централи, се поттикнува изградба на мали хидроелектрични централи како капацитети за производство на еколошки чиста енергија. Сепак, поради отсуство на референтен стратешки/плански документ од областа на водите, не е јасно како се проценуваат влијанијата врз животната средина што ги предизвикуваат малите хидроцентрали. Нивната изградба носи несогледливи последици по биодиверзитетот и доведува до исчезнување на ендемски видови животни и растенија, особено доколку тие се градат во заштитено подрачје.

Мини хидроцентралата на Мала Река се гради во заштитено подрачје, но како што објасни градоначалникот Николчо Илијев, законите се такви што во ова заштитено подрачје на Осоговските планини, кое е од петта категорија, дозволено е изградба на мини хидроцентрали, како објекти за обновливи извори на енергија. Илијев додаде дека според планот пред неколку години биле определени уште две локации на вој простор и тоа на Голема Река, од која директно зависи водостојот на Браната Гратче.

„ДИС Енергија“ е инвеститор на уште две мини хидроцентрали во Пробиштипско и Радовишко.

Просторот каде е предвидена изградбата на мини хидроцентралата полека се подготвува, додека екологистите и граѓаните најавуваат протести. Велат дека ако треба ќе организираат 24-часовни стражи, меѓутоа, нема да дозволат изградба на оваа мини хидроцентрала.

 

„Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”