Можам да се согласам дека не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во исто време објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно е вид подвижна мета која не наградува според учинок туку според актуелните политички околности, рече на денешната прес-конференција министерот Бујар Османи.
По средбата со словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, Османи информираше дека Владата го прифатила предлогот за отварање на амбасада во Братислава, а според Корчок тоа ќе значи унапредување на односите на двете земји, не само на политички туку и на економски план.
Според Османи Словачка јасно и недвосмислено ја покажала поддршката за земјата, особено во моментите кога Европската Унија не успеа да постигне консензус за напредок на земјава, а министерот Иван Корчок вели дека поддршката ќе продолжи и за време на португалското претседателство и дека се надева дека членките на ЕУ ќе постигнат консензус за усвојување на преговарачката рамка.
– Поддршката за вашата европската интеграција е поради две причини – прво бидејќи тоа е ваш избор и бидејќи е во наш интерес Западен Балкан да биде дел од Европската Унија. Пандемијата не треба да го запре процесот на проширување, точно е дека имаше импакт, но не треба негативно да влијае на преговарачката рамка што веќе ја поставивме. Земјите ги оценуваме по тоа што го направиле и според исполнетите критериуми, а Северна Македонија направи многу, така што блиску сме и се надевам дека ќе се постигне консензус, рече Корчок.