Обложувалниците бараат итна средба во Владата со цел креирање на поинакво и издржано решение согласно европските стандарди. Нив ги испровоцираа новите предлог-измени на Законот за игри на среќа кои веќе се изготвуваат во Министерството за финансии, посебно предлозите за покачување на даноците и оддалечување на деловните објекти 500 метри од училиштата и високообразовните институции.
Тоа, според нив, ќе значи целосно затворање на индустријата, но и згаснување на илјадници работни места, како и огромни загуби за државниот буџет.
Измените на Законот, реагираат, се неевропски и со нив директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства. Вкупно 8.000 лица преку ноќ ќе останат без работа, а негативни последици ќе бидат предизвикани и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од оваа индустрија.
– Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Ова не е европски закон. Ниту една европска земја не ја ни разгледува можноста за забрани, туку работи на квалитетно регулирање на игрите на среќа. Ниту еден европски закон не предвидува одалеченост на објеките, бидејќи тоа нема никаков ефект врз навиките, истакна на прес-конференција претставникот на Групацијата за спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија, Васко Илијевски.
Тој додаде дека густата населеност во поголемите градови и близината на училиштата меѓу себе не остава простор за ниту еден објект за игри на среќа во урбаните средини. Ова е особено изразено во помалите градови кои се состојат од една главна улица и неколку споредни.
-Во земјава, индустријата на игрите на среќа плаќа највисоки даноци во Европа. Зголемувањето на ионака највисоките даноци во Европа кои и сега ги плаќаме, со цел, како што се наведува, зголемување на средства во буџетот, воопшто не кореспондира со предлогот за оддалеченоста. Предлозите се сами по себе нелогични и контрадикторни. Зошто се покачуваат даноци ако практично планот е да се затвораат објектите? Кој ќе биде економскиот ефект од тоа и зошто без издржана економска анализа се пласираат вакви идеи и предлози, рече Илијевски, додавајќи дека е нејасно дали Владата со ваквото законско решение сака да направи целосно нерегулиран пазар, велат од групацијата и бараат итна средба во владата за активно да учествуваат со свои предлози во законските измени.