Карневалот во Венеција годинава само на интернет – ММС
ММС

Објавено на: 02/6/21 9:20 PM

Карневалот во Венеција годинава само на интернет

Рио де Жанеиро и Ница оваа година поради пандемијата со коронавирусот ги откажаа своите карневали, а оној во Венеција, кој почна денеска, се одржува само на интернет.

Познатиот карневал во Венеција оваа година се одржува само на екраните во две програми од по 90 минути. Поголемиот дел од програмата во живо се одвива во палатата Вендрамин-Калерги на Големиот канал, музеј на композиторот Ричард Вагнер.

Во градот оваа година ја нема фестивалската атмосфера. Вообичаено во овој италијански град стотици илјади луѓе го посетуваат балот под маски. Еден од најпознатите настани во Венеција минатата година почна, но претседателот на регионот го прекина, откако во Италија почна пандемијата со коронавирусот.

Италија е една од европските држави кои најмногу беа погодени со пандемијата и таму досега се регистрирани над 2,6 милиони заразени. Во некои делови од Италија вечерва почнува полициски час од 22 часот. Во многу градови, меѓу кои и Венеција, кафулињата и рестораните може да послужуваат гости само до 18 часот.

Извор:   viijesti.ba