Со сослушање сведоци предложени од одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Прв сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој рече дека на 27 април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
-Воопшто не сум имал никаква комуникација ниту на 27 април, ниту пред, ниту потоа со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, рече Чавков.
На 27 април, Чавков посочи дека со работа завршил во 16 часот и околу 16:30 часот се упатил кон Технометал Вардар, каде имал приватни работни простории.
-Таму се задржав некаде до 20 часот. Тоа може да се види од извештајот на базните станици и сведочењето на моето обезбедување. Откако бев информиран за прескокнување на оградата, имам интензивни комуникации со моите колеги задолжени за спроведување на полициските акции во Собранието, изјави Чавков.
Само околу 20:30 часот, рече Чавков, имал телефонски повик од Никола Груевски, кој евидентно бил загрижен за случувањата.
-Јас како координатор на телото за воспоставување безбедност на протестите веќе имав преземено акции и контролата беше воспоставена. Повторувам, не сум имал никаква комуникација освен со луѓе директно вклучени за спроведување на полициската акција, значи ниту со Миле Јанакиески, ниту со Спироистовски, само телефонско јавување од Никола Груевски, рече Чавков.
Прашан за комуникација со лицето Александар Василевски Нинџа во врска со протестите пред Собранието, Чавков рече дека го знае само по прекар и дека е дел од криминалното миље, но дека не го познава.
-Првпат физички го сретнав и видов како изгледа во оваа судница, појасни Чавков.
Прашан дали на 27 април 2017 година бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Чавков рече дека ако некој посочи дека го видел таму, лаже. На прашање од Судот дали е член на политичка партија, рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, но дека никогаш немал партиска функција и тоа останало само како членство.
-Моите ангажмани беа поврзани само со МВР и полициските структури и мојата кариера нема никаква врска со политика, рече Чавков.
Прашан дали чул за кафичот „Аристократ”, Чавков псоочи дека знае оти кафичот се наоѓа во Автокоманда и е во сопственост на Нинџа, но оти тоа го знае од полициски извештаи.
Во однос на неговиот исказ дека, да не биле отворени вратите на Собранието, немало да се случи крвавиот четврток, Чавков рече дека тоа го има и во самото обвинение.
– Апослутно го имаме фактот дека вратите на Собранието се така механички затворени, што не може да се отворат без притисок од надвор. И во самото обвинение стои дека да не биле отворени вратите од внатре, не ви се случил крвавиот четврток, рече Чавков.
Втор беше сослушан Никола Митревски, кој рече дека се познава од детство со Никола Василевски – Нинџа, но дека не може да договори за дента на 27 април 2017 година бидејќи против него се води постапка за тој настан.
– Сакам да кажам за протестите дека јас сам сум одел по сопствено убедување, рече Митревски.
Рече дека се познава со Владимир Атанасовски и дека сосема случајно ги запознал со Нинџа во теретана.
– Во сведочењето Нинџа, кој ми е кум, кажа дека дента на 27 април во негово присуство Атанасовски ми се јавил мене. Можам да кажам и да се заколнам во моите две деца дека немало таков повик, рече Митревски.
На прашање од Судот, дали Нинџа е член на ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече – да, од 1998 година како и мене.
Прашан дали го познава кафичот Аристократ, сведокот рече дека го знае и бил таму, посочувајќи дека тоа бил маалски кафич.
На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци меѓу кои и Емил Димитриев и Кирил Божиновски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.